Воениот командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, кој долго време беше најбараниот хашки оптуженик, е правосилно осуден денеска на доживотна казна затвор поради геноцид во Сребреница, прогонување на Бошњаци и Хрвати, малтретирање на граѓаните на Сараево и земање за заложници на припадници на УНПРОФОР, односно воени злосторства извршени во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година.

Со правосилна и конечна пресуда, која му ја изрече денеска Жалбениот совет на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), е потврдена првостепената пресуда од 22 ноември 2017 година, и на тој начин заврши судскиот процес за најтешките злосторства извршени на територијата на Европа по Втората светска војна, објави агенцијата Фена.

Со советот, кој му ја изрече конечната пресуда на Младиќ, претседаваше судијката Приска Матимба Нијамбе од Замбија.

Судот во Хаг ги отфрли сите жалби поднесени од одбраната на Младиќ.

Конечната пресуда за овој случај беше донесена речиси по 26 години од поднесувањето на обвинението против Ратко Младиќ во Хашкиот трибунал (МКТЈ) и утврдена е одговорноста на еден од клучните актери во војната, во која беа убиени повеќе од 100.000 луѓе и протерани над два милиона луѓе во БиХ.

Како и во првостепената постапка, Младиќ беше осуден по 10 од вкупно 11 точки од обвинението, но не и за геноцид во шест босански општини во текот на 1992 година, а тоа се Приједор, Сански Мост, Кључ, Котор Варош, Фоча и Власеница.