Селекторот Игор Ангеловски и капитенот Горан Пандев вечерва на официјалната прес-конференција во Букурешт истакнаа дека нашите репрезентативци се подготвени да го дадат максимумот на Европското фудбалско првенство. Македонската репрезентација е првпат на Европското првенство, што ќе го започне со натпреварот против Австрија.

– Обземени сме со силни емоции. Треба да се гордееме, но веруваме дека можеме уште повеќе. Кога пред шест години отидов кај Горан Пандев во Џенова започна оваа приказна. Можеби сме аутсајдери на првенството, но не ни пречи таа улога. Напротив, дополнително носи мотив кај сите нас. Одработивме добри подготовки и сите фудбалери со нетрпение ја очекуваат средбата со Австријците, порача македонскиот селектор.

Капитенот Пандев истакна дека репрезентативците се подготвени да го дадат максимумот на теренот и да и донесат на нацијата нови радости.

– Точно е дека работат емоциите, точно е дека сите во Македонија, фудбалерите, навивачите, медиумите и јавноста го очекувавме овој момент. И, верувајте сега сме подготвени да го дадеме срцето за нови радости, затоа што знаеме дека сите погледи во Македонија се насочени кон нас. Јас го прифатив предизвикот на селекторот пред шест години кога дојде во Џенова и ме убеди да се вратам во националниот тим затоа што не чекаат успешни денови. И ми се чини дека тоа беше главно на патот до остварувањето на овој сон. Но, секако и јас и соиграчите сме подготвени да го прифатиме и овој предизвик. Желбата е секако да го демонстрираме максимумот на секој натпревар и да се обидеме да не завршиме со само три меча на шампионатот, посочи Пандев.

Говорејќи за утрешната пресметка со Австрија, македонскиот капитен нагласи дека пред „црвено – жолтите“ е тежок натпревар.

– Имаме негативно искуство со оваа репрезентација, но добро ги анализиравме нивните игри последниот период. Знаеме дека не чека тежок натпревар со една цврста, физички одлично подготвена репрезентација. Но, подготвени сме за надигрување. Онаа победа против Германија донесе самодоверба плус во нашите редови, овие момци се повеќе се свесни за своите квалитети и тоа треба да ни биде дополнителен мотив плус на секој дуел на првенството, изјави Пандев.

Македонската репрезентација својот дебитантски настап на Европските првенства го има утре против Австрија со почеток од 18 часот на Националната арена во Букурешт.