Поради подобрената епидемиолошка слика во земјата и доволниот број вакцини, Националната комисија за вакцинација на Грција, препорачува вакцината на Астра Зенека да се користи за лица на над 60-годишна возраст, наместо над 30 како што беше досега, јави дописничката на МИА од Атина.
Претседателката на Комисијата Мариа Теодориду и генералниот секретар во Министерот за здравство на Грција Мариос Темистоклеус на денешната редовна прес конференција за процесот на имунизација го соопштија новото упатство, објаснувајќи дека препораката е базирана на епидемиолошката слика.
Теодориду додаде дека лицата до 60 години, кои веќе ја примиле првата доза од Астра Зенека, доколку немале никакви реакции и не постои сериозна причина, тогаш треба да ја примат и втората доза од истата вакцина.
Во однос на процесот на имунизација во Грција, Темистоклеус рече дека од почеток, спроведени се 6.910.000 вакцинации, над 4.260.000 граѓани, односно 40,5 отсто ја примиле првата доза, а 2.810.000 или 27 проценти од населението се целосно вакцинирани.
Истакна дека целта за колективен имунитет може да се постигне во текот на летото.
Досега, најголемиот број вакцинации во Грција се со вакцината на Фајзер, нешто помалку од пет милиони, а потоа следат Астра Зенека, Модерна и Џонсон и Џонсон.