Институтот кој ја произведе руската вакцина против коронавирус Спутник В, во понеделникот објави дека таа штити од сите познати варијанти, вклучително и делта (индиски сој), одговорна за избувнувањето на епидемијата во Русија.

Рускиот главен град и регионот, како и уште еден град во земјата, Санкт Петербург, се погодени од новиот бран и имаат рекорден број на заразени лица.

Александар Гинтсбург, директор на Центарот „Гамалеја“, кој ја произведе Спутник В, рече дека две дози од таа вакцина штитат од сите сега познати варијанти, од британска до индиска делта.

Овие изјави го охрабруваат руското население да се вакцинира во време кога кампањата за вакцинација е во застој поради недоверба и покрај повеќекратните повици од претседателот Владимир Путин.

Делта вирусот се шири во Москва

Властите во московскиот регион во понеделникот објавија најголем дневен број на заразени од почетокот на пандемијата со 1.811 случаи, а во Москва се 7584.

На крајот на минатата недела, имало повеќе од 9000 новоинфицирани лица на ден. Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин изјави дека околу 90 проценти од новоинфицираните имаат позаразна варијанта на делта, која се појави во Индија и може да ги преплави болниците во главниот град.

Снимките на локалните медиуми покажуваат преполна болница во Санкт Петербург, каде некои пациенти лежат на под. Во Русија, владата објави дека 129.801 лица починале од Ковид-19, најмногу во Европа, а статистичката агенција наведува дека околу 270.000 починале од почетокот на пандемијата.