Првачињата од есен заедно со буквите ќе учат и за лажни вести и медиумска писменост, најави вчера министерката за образование Мила Царовска.
-Образованието треба да создава граѓани што се отпорни на лажни вести. Токму затоа со новата Концепција за основно образование, од наредната учебна година во прво и во четврто одделение започнува да се учи медиумската писменост и критично размислување. Тие ќе бидат интегрирани во сите предмети, рече Царовска во обраќањето на онлајн конференција на тема „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност“, во организација на Фондацијата „Метаморфозис“ и „Евротинк“.
Проектот е финансиски поддржан од Европската Унија, а настанот е кофинансиран и од Фондацијата „Фридрих Неуман“.
– Не може да се справиме наеднаш со феноменот со кој се бори целиот свет, но сметаме како Влада и како МОН, заедно со нашите партнери, дека ако создадеме генерации коишто имаат повеќе знаења и алатки за справување со лажни вести ќе бидеме поподготвени за битка со лажните вести и за превенција на кризни ситуации креирани со лажни вести – нагласи Царовска.
Со вклучувањето на медиумската писменост во формалното образование учениците уште од најрана возраст ќе учат да пребаруваат, да издвојуваат и да користат информации од медиумите, но и да ги проверуваат и откриваат лажните вести.