Европската Унија ги продолжи за шест месеци економските санкции воведени на Русија од 2014 година поради нејзината нелегална анексија на Крим и дестабилизација на Украина и ја разгледува можноста за воведување нови мерки против Москва.
Договорот допрва треба да биде одобрен од министрите за надворешни работи на ЕУ на состанокот на 12 јули, велат дипломатски извори за француски медиуми. Потребна е едногласна одлука за санкциите.
ЕУ воведе три групи санкции по руската анексија на Крим: забрана за сите инвестиции на Крим и Севастопол, црна листа на лица и компании обвинети за учество во дестабилизација на Украина и економски санкции за руски банки, одбранбени и нафтени компании. ЕУ исто така забранува финансиски инвестиции во Русија.
Целта на мерките е да се принуди Русија да се откаже од своите активности за дестабилизација на Украина.
Сепак, таа логика како одговор на руската агресија и провокации се покажа како „неефикасна“, рече францускиот претседател Емануел Макрон минатата недела за време на дебатата за Русија на самитот на ЕУ во Брисел.