Сите американски и коалициски војници го напуштија аеродромот Баграм, најголемата американска воена база во Авганистан, соопшти денеска претставник на Пентагон, јави ДПА.
Базата се наоѓа северно од главниот град Кабул и е центар на американските воени операции во последните речиси две децении.
Со повлекувањето на американските сили од базата, авганистанските сили ќе бидат одговорни за одбрана од нападите на Талибанците.
Авганистанското Министерство за одбрана не одговори на барањата за коментар, истакнува германската новинска агенција ДПА.
Американскиот претседател Џо Бајден соопшти дека сите американски трупи ќе се повлечат од Авганистан до 11 септември. Останатите земји од НАТО кои придонесуваат во меѓународните сили го следат примерот. Германската војска во вторникот целосно се повлече од нивната главна база во северната провинција Балк во Авганистан.