Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан и Европа Метју Палмер изјави дека успешно е завршен процесот на избор на Кристијан Шмит за висок претставник во БиХ, изразувајќи надеж дека германскиот дипломат ќе биде последниот на таа функција.
Во интервју за „Независне новине“ од Бања Лука и „Ослобоѓење“ од Сараево, Палмер истакна дека САД со нетрпение го очекуваат доаѓањето на Шмит во Сараево и дека добро ќе соработуваат со него.
– Се надеваме дека Шмит ќе биде последниот висок претставник во БиХ, и она што е потребно за тоа да се случи е исполнување на стандардите и условите од агендата 5 + 2, изјави Палмер.
На прашањето каков и колкав интерес имаат САД за Западен Балкан, Палмер нагласи дека Америка е постојано ангажирана во оваа област веќе три децении.
– Ние сме посветени на партнерство со земјите од Западен Балкан. Продолжуваме и сме посветени на поддршката на овој регион и неговите европски и евроатлантски аспирации, додаде американскиот висок претставник.
Тој додаде дека американскиот претседател Џо Бајден „навистина има долга историја на врски со регионот и Западен Балкан“ и рече дека длабоко се грижи за тоа.
– Нашата визија беше јасна со текот на годините и уверен сум дека администрацијата на претседателот Бајден ќе продолжи да биде посветена и близок партнер на земјите од Западен Балкан, додека тие одат кон евроатлантскиот пат, нагласи Палмер.
– Иако сум загрижен поради амбициите кои Русија ги има кон БиХ и во Западен Балкан, како и пошироко во Европа, јас останувам убеден дека нашата визија за овој регион е општо прифатена и ќе има поддршка од политичките лидери, објасни Палмер.
Во претходните три дена тој разговараше со политичарите од БиХ за можни измени на изборните правила, односно измени во Уставот кои се неопходни за тоа.