Македонија ги отвора пунктовите и за имунизација на децата над 12 годишна возраст. Од понеделник на доброволна основа, малолетниците во придружба со родител или старател можат да бидат вакцинирани и тоа без закажување. За нив е достапна само вакцината на Фајзер која е единствената дозволена за оваа популација. Здравствените власти следејќи го примерот на повеќе земји во светот каде веќе боцкаат тинејџери, очекуваат зголемување на процентот на имунизирани што според нив е услов да продолжиме да живееме отворени. Министерот за здравство вели дека и публикациите од Британија каде делта сојот е веќе доминантен укажувале на потребата од вакцинирање на младите.
-Делта сојот таму се ширел кај младите но немало некоја тешка клиничка слика, но тоа укажува дека младите се трансмитери и затоа треба да се дозволи вакцинација и на децата бидејќи на тој начин ќе го зголемиме и бројот на вакцинирани, изјави Венко Филипче, министер за здравство.
Грција, Германија, Србија, Америка се само дел од земјите каде има вакцинација на деца над 12 годишна возраст. На листата е и Белгија каде здравствени експерти порачуваат што повеќе адолесценти да бидат имунизирани за да се спречи ширење на вирусот.
И додека за малолетниците е достапна само Фајзер, од понеделник теренската имунизација во државата ќе стартува со кинеската Синовак бидејќи е поедноставна и не треба да се раствора.
Екипи од здравствените домови ќе одат во руралните села и недостапните места за вакцинирање на хронично болни но и лица кои нема како да стигнат до пунктовите.
До крајот на неделата надлежните очекуваат бројката на вакцинирани да стигне до 500 000 граѓани, но тоа е далеку од процентот неопходен за колективен имунитет.
Министерот Филипче апелира граѓаните да одат на вакцинирање а најави дека во четврток ќе добиеме нова донација од Грција од 10 000 вакцини Астра Зенека.