Француската Влада денеска повторно повика на „масовна вакцинација“ против Ковид-19 за да се спротивстави на ризикот од брз четврти бран на вирусот со зголемување на бројот на случаи на „делта мутацијата“.

Владиниот портпарол Габриел Атал по состанокот на Владата рече дека Здравствениот совет повторно ќе се состане во понеделник за да разгледа воведување на можна задолжителна вакцинација за некои професии, можни ограничувања на границите и можност за продолжување на здравствената пропусница.

По денешниот состанок на Советот, Владата не најави нова мерка.

„Делта варијантата“, која брзо се шири, погоди повеќе од 40 проценти од новоинфицираните лица во Франција, рече Атал.

Вкупно 11 региони бележат зголемување на инциденцата на инфекција, со особено силен раст во провинцијата Алпи Азурниот брег и во регионот на Париз, додаде тој.

Покрај овие две туристички области, ситуацијата брзо се влошува и на прекуморските француски територии на островите Реинион и Мартиник.

– Вакцинацијата е нашиот главен билет за излез од тунелот, рече Атал и додаде дека Франција не е земја против вакцините, но има многу луѓе кои велат дека ќе чекаат да бидат вакцинирани.

Тој потенцираше дека сега е време за општа мобилизација и масовна вакцинација.

Француското одделение за јавно здравје вчера регистрира 3.585 новозаразени во претходните 24 часа, што е највисока дневна бројка од 12 јуни.

Скоро 35 милиони луѓе примиле барем една доза на вакцина или 51,8 проценти од вкупното население, а 25,3 милиони ги примиле двете дози, што е 37,6 проценти од популацијата, соопшти Генералниот директорат за здравство