Европската комисија требаше денеска да се произнесе за економскиот план за закрепнување на Унгарија, но рокот е поместен, во прашање, меѓу другото, е и хомофобичниот закон на унгарската Влада, јави дописничката на МИА од Брисел.

Плановите за економско закрепнување на земјите-членки на ЕУ треба да добијат зелено светло од европската извршна власт пред да бидат одобрени средствата. До сега дванаесеттина земји веќе го поминаа тестот.

Денеска редот беше на Унгарија, но ЕК најави дека ќе бидат потребни уште неколку дена за анализа на планот.

Согласно овие планови Будимпешта треба да добие над седум милијарди евра за излез од кризата.

Од ЕК денеска изјавија дека доколку бидат потребни повеќе од два дена за проценка ќе и се предложи на Унгарија пролонгирање од два месеца.

Влошената состојба со владеењето на правото во Унгарија, тензиите помеѓу Виктор Орбан и ЕК, што неодамна ескалираа со законот против ЛГБТ заедницата на унгарската Влада се дел од причините зошто Брисел не може да произнесе за сега.

Имено Европскиот Парламент продолжува да врши притисок врз ЕК и бара од неа целосно да го суспендира планот за закрепнување на Унгарија сѐ додека оваа земја не понуди цврсти гаранции дека фондовите што ќе ги добие од ЕУ ќе бидат соодветно дистрибуирани и потрошени.

Европската Комисија тврди дека анализата ја врши на конструктивен и непристрасен начин.