Актуелниот член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а поранешниот генерален секретар на партијата, Игор Јанушев, за „360 степени“ вели дека денешното обвинение против него е „политички мотивиран случај“. Ставот следува откако Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека поднело обвинение против Јанушев, како член на комисијата во Министерството за транспорт за јавната набавка на автобусите во 2010 година. Покрај Јанушев, обвинети се уште еден член и претседателот на комисијата за јавни набавки, како и тогашниот министер, Миле Јанакиески.
Во соопштението до јавноста, обвинителството со кое раководи Вилма Русковска тврди дека фирмата од која Владата ги купила автобусите, во моментот на отворањето на понудите немала банкарска гаранција и сертификат за квалитет. Па, и покрај тоа, комисијата и министерот ја избрале токму таа понуда, која патем била поскапа за 4,7 милиони евра од второрангираната компанија.
Јанушев вели, не е точно.
Според Игор Јанушев, целиот случај е „политички мотивиран“, со единствена цел да се дефокусира јавноста од други проблеми.
„Ова е политички мотивиран случај кој се користи по потреба, за дефокусирање на јавноста. Особено е интересно што доаѓа токму денеска кога го имаме случајот со поротникот со истечен мандат поради кој им паднаа неколку обвиненија. Доаѓа во период кога е објавено дека 88% од јавните набавки за ковид-19 се направени со директно преговарање“, вели Јанушев.