Неодамна заменик-премиерот во Влада на Република Македонија за економски прашања, г-дин Фатмир Битиќи и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), г-дин Коста Петров, ги промовираа резултатите од проектите кои владата ќе ги финансира со 5,7 милиони евра народни пари со цел наводно поттикнување на технолошкиот развој на домашните компании и забрзување на економскиот раст на земјата.
Ова го истакна на денешната прес-конференција Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. Текстот од прес конференцијата го пренесуваме интегрално:
Доколку тие пари навистина одат кон вистинските компании и за поддршка на најдобрите проекти тогаш не би имале ништо против, напротив би ги поддржале тие мерки и политики на оваа Влада. Но, за жал, нашите сознанија не го говорат тоа. Се делат пари за проекти кои немаат никаква врска со поттикнување на технолошкиот развој на домашните компании, ниту со забрзување на економскиот раст на земјата.
Имено, еден значаен дел од проектите се целосно проблематични, што фрла голем сомнеж за тоа како се прави селекцијата за тоа кои компании и проекти ќе бидат поддржани од страна на државата. Всушност, од официјалните извештаи на ФИТР може да забележиме дека се одобруваат илјадници евра за поддршка на т.н. проекти како што се: набавка на рентген за ветеринарни услуги, дигитален гинеколог, софтвер за закажување на термин за здравствени услуги, скенер за човечки ресурси и многу други „проекти“ кои не се поврзани со подобрување на производните и извозните капацитети на домашните компании.
Замислете, почитувани, во услови кога бројот на ново невработени за една година во Македонија се зголеми за 60.000 лица, тие финансираат проекти како што е скенер за човечки ресурси, со кој ќе се поврзувала понудата и побарувачката на труд.
Понатаму, во услови кога илјадници граѓани се соочуваат со неможност да добијат елементарни здравствени услуги поради недостигот на апарати во јавносто здравство, Владата и ФИТР со народни пари поддржуваат ПЗУ да набават апарати со кои подоцна ќе им наплаќаат здравствени услуги на македонските граѓани по многу високи цени.
Во услови на пандемија кога беа загрозени илјадници животи поради недостиг на квалитетна здравствена услуга и во ситуација кога треба на секој начин да ги подигаме здравствените капацитети на јавното здравство со цел да се подготвиме за евентуален нов бран на пандемијата, Владата предводена од СДСМ и ДУИ со народни пари поддржува набавка на рентген за ветеринарни услуги на приватна ветеринарна установа.
Сето ова покажува дека интересот на оваа Влада е сè освен подобрување на економската состојба во земјата, поттикнување на технолошкиот развој и забрзување на економскиот раст. Потврда за тоа се наодите од последната анализа на реномираниот Виенски економски институт кои укажуваат дека Република Македонија нема никакво економски подобрувања од кризата и дека капацитетите на државата се недоволни за справување со истата.
И покрај фалбите на владините претставници, бројките се немилосрди:
- Македонија и во првиот квартал од 2021 година е во рецесија со пад на БДП од минус 1,9%;
- Имаме историски најмал прилив на СДИ во првиот квартал, што е продолжување на лошиот тренд од минатата година;
- Бележиме зголемување на трговскиот дефицит во првите пет месеци од годината;
- Цените како што е познато постојано растат;
- И да не заборавиме, јавниот долг продолжува енормно да расте и по достигнувањето на критичното ниво од 60% од БДП.
Имено, долгот во првиот квартал од 2021 година достигна 62,5% од БДП, а со новиот ребаланс на буџетот се очекува истиот до крајот на годината да надмине 65% од БДП, што ќе претставува сериозен удар за идниот развој на нашата држава.