Невистинитите тези дека македонскиот јазик „е измислен по Втората светска војна од Јосип Броз Тито и Коминтерната“, освен во многу други документи, се побиени и во делото „Нова славонска и германска граматика“ издадена во 1767 година од хрватскиот просветител и хабсбуршки воен офицер Матија Антун Релковиќ. Оваа книга е отпечатена повеќе од еден век пред раѓањето на Тито и основањето на Коминтерната.
Македонија е една од териториите која авторот ја запишал заедно со Полска, Хрватска, Србија, Словачка и многу други, на која се зборува словенски јазик, поточно некој нејзин огранок или дијалект. Занимлив е и записот на втората страница од книгата каде што навраќајќи се во антиката Релковиќ го споменува и Александар III Македонски како македонски, а не како грчки крал.
Хрватскиот писател забележал дека Албанците, Македонците, Србите и Бошњаците имаат многу турцизми или користат турски зборови наместо нивните словенски соодвети. Ова се должи на фактот дека Хрватска многу кратко била дел од Османлиската империја, а подолго време припаѓала на Хабсбуршката монархија. Териториите на денешна Македонија, Албанија, Србија и Босна пак со векови биле под власт на Османлиите.
Авторот Матија Антун Релковиќ е роден на 6 јануари 1732 година во Кралството Славонија, кое било општ назив на ослободените хрватски територии по војната со Османлиското царство и покраина на Хабсбуршката монархија. Покрај достигнувањата во книжевноста, има големо воено искуство во неколку војни и имал чин на капетан. Починал во 1798 година на 66 годишна возраст.
Марко Петревски