На „датумот за избори“ што вчера го објави премиерот Зоран Заев денеска реагира опозицијата.

Зоран Заев се плаши од соочување со граѓаните бидејќи му е јасен судот на народот. Затоа на своја рака без консултација со останатите партии бара поместување на датумот на локалните избори од средината на октомври.  Ова е спротивно на досегашната пракса, но и кршење на Уставот на Република Македонија каде  јасно се  утврдува дека мандатот на градоначалниците истекува пред датумот кој Заев го нуди како можен датум за локалните избори, се вели во денешната реакција на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Изговорот дека се поклопува пописот со кампањата не држат, се додава во соопштението, бидејќи пописот може да се одложи за месец ноември и со тоа ќе се испочитува Уставот.

-Патем  СДСМ и Заев до пред неколку дена ја убедуваа јавноста дека локалните избори и пописот се процеси кои можат без проблеми да течат паралелно, за сега Заев да говори нешто сосема друго. Заев менува ставови од денес за утре и тоа не е ново, но очигледно и Заев и СДСМ се свесни за расположението на граѓаните и се обидуваат да купат уште малку време со надеж дека ќе го ублажат поразот кој им следи, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

Слична реакција има и од другите опозициски партии. Заев од вчера видовме дека има нов имиџ, пуштил брада, но нема среќа со изборот на датумите. Минаа години од неговата објава од авионот кој од Брисел леташе кон Скопје дека „добивме датум од ЕУ“, а до ден-денес датум од ЕУ нема. Според најавата од опозицијата, веројатно Заев нема да добие датум ни за локални избори.

(Д.Г.)