Поранешниот премиер Никола Груевски денеска од прес-конференција во Собранието на РМ најави дека утре нема да се појави во Апелацискиот суд, а на седницата за „Тенк“ нема да присуствуваат ниту неговите адвокати зашто, како што рече, и онака одлуката е политички веќе донесена.
Груевски рече дека власта води политичка хајка против него, а судиите се професионални, но работат, како што рече, под притисок.
– Ниту јас, ниту моите адвокати нема да се појавиме утре на седница. И нивното присуството во Апелација не може ништо да промени. Никакви правни аргументи не се доволни на однапред политички договорена пресуда и однапред донесена политичка одлука. Ако судиите се толку исплашени и подлегнале на политичка нарачка, ете им можност без мене да донесат каква сакаат пресуда. Ниту едно незаконско ставање во затвор нема да ги избрише од меморијата на граѓаните делата кои сум ги направил за оваа држава и овој народ, за бранењето на државните интереси, истакна Груевски.
Ќе дојде време, дополни, кога народот ќе си ја врати власта во свои раце и кога ќе се преиспитаат ваквите одлуки.
– Мене не ме суди судот, туку политиката. Се ќе се издржи и ќе помине, но нема да се заборави. Судството ме товари зашто бев водач на ВМРО-ДПМНЕ и зашто на некого му пречам. Судиите се професионални и стручни, но работат под голем притисок, а некои се блиски и до Зоран Заев, укажа Груевски.
Тој рече дека во петокот му бил закажан термин за седница кога сите негови адвокати учествувале на рочиште за „27 април“, а тој сам во Апелација поминал 11 часа.
Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ ги оцени како „јалови обиди на власта“ и „глупости“ информациите објавени од Викиликс во кои се наведува дека македонските власти уште во 2008 година, кога тој ја предводеше владата, го прифатиле името „Република Северна Македонија“.
– Ова се јалови обиди на власта, и веројатно ќе има уште многу вакви. Тие се сега во кампања и ќе се изнаслушаме разни глупости. Јасно е зошто сум во суд и зошто ми се случува овој класичен политички прогон и тортура. Ако се согласев со Грците друга ќе беше песната, ја сум човек со принципи и достоинство, рече Груевски на прес-конференција во Собранието на Македонија.