Легализацијата на трговијата со криптовалути ќе биде од бенефит и за граѓаните и за правниот промет кон странство, се вели во партиското соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
-Законското решение кое ќе го изготви ВМРО-ДПМНЕ и ќе го поднесе до Собранието ќе ја легализира трговијата со криптовалути и нивното чување. Граѓаните кои што ќе тргуваат ќе бидат ослободени за тргување со истите од ДДВ, а инвеститорите од данок на доход и данок на добивка најмалку до крајот на 2023 година. Со формализирање на трговијата ќе им се овозможи на нашите граѓани кои тргуваат со круптовалути да можат да ги разменуваат за пари во Македонија, а на правните лица ќе им се овозможи да вршат плаќања кон странство кон своите добавувачи или клиенти во криптовалути, и сето тоа да биде формално регистрирано како да се работи за жирално плаќање, со тоа ќе се овозможи поголема брзина во трансакциите и пократки временски рокови за вршење на плаќањето. Над 40 банки во Германија веќе овозможуваат трговија и чување на криптовалути за своите клиенти. Пеј Пал тоа го прави во САД, а Виза има дебитни картички кои овозможуваат поддршка на криптовалути. Да фатиме чекор со напредните држави, истакнуваат од опозицијата.