Француски Апелациски суд денеска ја потврди претходно донесената пресуда против синот на претседателот на Екваторијална Гвинеја, Теодоро Обијанг Мангуе, за проневера на пари.
Британските медиуми пренесуваат дека ваквата пресуда ја отвора можноста десетици милиони долари да им бидат вратени на жителите на оваа африканска земја.
Мангуе, кој е и потпретседател на Екваторијална Гвинеја, доби тригодишна условна казна, со парична казна од 30 милиони евра, утврдена во судскиот процес од 2020 година, во негово отсуство.
Судот денеска уште нареди на Мангуе да му биде одземен луксузен имот во Франција.
Меѓународната невладина организација која ги следи и објавува случаите на корпоративна и политичка меѓународна корупција, Транспаренси Интеренешенел, проценува дека францускиот суд во постапката заплени различни стоки, вклучувајќи ја и палатата во центарот на Париз, во вредност од околу 150 милиони евра.
Мангуе постојано негираше дека направил нешто лошо и тврдеше дека француските судови немаат надлежност над неговиот имот, но Апелациски суд ја одби неговата жалба.
Инаку, неговата луксузна палата на авенијата Фох во Париз има 101 соба, теретана, фризерско студио, диско и кино.
По одбивањето на жалбата неговиот имот ќе биде ставен на продажба, а според новиот француски закон, парите ќе бидат испратени во Екваторијална Гвинеја, наместо во францускиот државен буџет.
Неговиот татко Теодоро Обианг Нгуема Мбасого (79) е претседател на Екваторијална Гвинеја од 1979 година.