Според новиот концепт за прослава на Илинден во Крушево, предвидено е централната манифестација да почне по 18 часот за да можат да присуствуваат и претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев, кои годинава треба да бидат на одбележувањето на Илинден во Скопје, односно во Пелинце. Претседателот на државата, премиерот и претседателот на Собранието, согласно досегашната практика секоја година присуствуваат во Крушево, Пелинце и во Скопје, по принцип на ротација.
Според најавите од кабинетот на Пендаровски, програмата ќе почне со читање на илинденски пораки и Крушевскиот манифест од страна на актерот Никола Ристановски, ап отоа ќе настапи Влатко Стефановски. Пендаровски ќе има видеообраќање во траење од две минути. А предвидени се и настапи на Танец, албански ансамбл за песни и ора и ора на Воениот оркестар. Во Крушево ќе биде и традиционалната коњаница, а ќе маршира и почесен баталјон на АРМ.