И по речиси 120 години (прецизно, 118 години се од Илинденското востание), историската приказна за славното време е пак нова. Фактите остануваат, дека на 2 август 1903-тата Крушево и Македонија го дадоа Илинденското востание. Непобитноста останува дека заедно се бореле и Македонци, Албанци, Турци, и Власи… Факт е дека Востанието е задушено , ама факте и темелот за државноста.

„Илинден е дел од нас, ненадминат историски настан“, вели директорот на Државниот архив Емил Крстески. Ама, секогаш има можност да се откријат нови сознанија, да се „прочешлаат“ архивите, да осамнат документи, списи, фотографии кои ќе го дополнат мозаикот за историското време околу Илинден. На пример, списи и документи за животот во Крушево, во Прилеп, во околијата, пред, за време и по Илинден, или, на пример, биографиите за илинденците, фотографии на илинденските чети…

Ова е приказна за едни нови документи, фотографии, акти кои не „осветлуваат“ нас, поточно нашето историско минато.

Најавата дека прилепскиот архив (во соработка со битолското одделение, а  преку Државниот архив) дека токму во пресрет на Илинден (на 1 август) на јавноста ѝ предочува нови документи за славниот историски период, пред, за време и по Илинден, го побудува љубопитството.

Во што е посебноста, ексклузивноста?

– Се презентира документација која јавноста првпат може да ја види: преведени турски документи од Османлискиот период, околу 300 биографии на илинденци кои учествувале во Илинденското востание и повеќе објавени, но, најмногу, необјавени документи за илинденскиот период. Сите ќе бидат презентирани и потврдени со каталог. Тоа се уште еднаш потврдени сознанија за борбата на македонскиот народ за создавање своја држава, а знаеме, Илинден е темел на нашата држава. Ваквите сеќавања и сознанија за овој, Османлиски период, се карактеристични, зашто, народот, почнувајќи од интелектуалците, па до најобичниот простодушен земјоделец кој работел на нивите, од Мариовскиот предел, од Прилепската, Битолската околија, учествувал и се организирал во Илинденското востание, вели за МИА Елена Чагороска, раководител на Прилепскиот архив.

 

Таа нагласува дека голем пресврт прави Илинденското востание во тој период, целиот Балкан и светот зборуваат за него, за идеологијата на Илинденците, зашто најголемиот број биле интелектуалци кои добро се организирале и ја побудиле свеста кај народот.

-Ексклузивно е што се непобитни историските докази преку испишаните страници и документи, посебно од фондовите што се користени: од Околиската управа од Прилеп, од Општинската управа од Прилеп од 1869 до 1912 година каде се запишани многу политички, економски промени, општо, живеењето во подрачјето на Крушево и во околината. Единствено сведоштво е и Катастарската управа, па Финансиската управа од Прилеп, Таписката управа, збирката на турски документи од фермани, збирка на фотографии на познатите илинденци: Гоце Делчев, Никола Карев, Пере Тошев. Имаме микро-филмови од Бугарското трговско агентство, како и документи од Јордан Грабулоски за изградбата на Македониумот. Сите тие документи одговараат на многу прашања кои постојано си ги поставуваме, или пак, ги истражуваат историчарите. На пример, има документи кои потврдуваат изградба на телефонска централа од Прилеп од 1869 година, детално објаснува Чагороска.

Архивските документи говорат за сознанијата на конзулите од тоа време, заседнати во Битола: оттаму тие праќаат информации во кои велат дека се насетува Илинденското востание, дека насетуваат движење на народот, односно организирање, и дека нешто многу битно се случува.  Сето тоа го чуваат архивските документи.

 

А се знае ли како комуницирале илинденците, тајно, да не бидат откриени?  

Тајната ја чува шифрираната азбука на нашиот деец, Гоце Делчев. Тој ја составил и била основа за комуникација меѓу дејците, илинденците, помеѓу ителектуалците. Така функционирале и се организирале. На тој начин се праќале пораки за обезбедување оружје, за организирањето. Документот со шифрираната азбука на Гоце Делчев е еден од посебните архивски списи.

– Карактеристични се писмата од Гоце Делчев, шифрираната азбука и неговите дописи, организирањето на Илинденското востание.  Ретки се фотографиите од четите, познати од Илинденското востание. Инаку, најмногу презентираме непознати документи. Користени се дел документи добиени од Турскиот архив, преведени  од наш колега, Мустафа Алиоски кој работи на Османлискиот период и ни помогна во сознанијата за животот кој се одвивал пред, за време и по илинденскиот период. Најкарактеристични, би рекла, се тие податоци кои ги водела османлиската власт, катастарските книги, кои, за тој период и за тоа време биле многу прецизни. Докажуваат за животот на луѓето, и не само тоа, туку и за секој, поименично, без разлика на националната припадност. Тоа пак, докажува дека структурата на населениото во Крушево тој, Илинденски период, била поширока. Живееле Македонци, Власи, Бугари, Албанци. И сите учествувале во Илинденското востание, вели Елена Чагороска.

Документите откриваат околу 300 биографии на илинденците. Но и многу повеќе тајни се обелоденуваат.

-Преживеаните илинденци со години биле малтретирани и биле во затвори. Имаме документи од 50-тите години на овој век кога барале надомест (пензии) од државата. Објавуваме фотографии и на чети, на Востаничкиот штаб на Крушево некогаш. Многу е драгоцена матичната книга на родените во Крушево од 1900 до 1923 година. А замислете го колку е обемен регистерот на жителите од Прилепската околија од 1911 година. Или, на една, заедничка фотографија се 30-тина илинденци, порано политички затвореници, некои осудени на смрт, други доживотно, но амнестирани по Младотурската револуција. Документите, списите, сознанијата не може да се добројат, а има уште многу кои чекаат „да им ја симнеме прашината“, да се проучат, да ја видат светлината на денот, констатира Елена Чагороска, раководител на Прилепскиот архив.

И, навистина, не се добројуваат документите, списите, ама даваат одговори на прашањата за сѐ што им се случувало на нашите предци: за административното уредување, за политичкиот и економскиот живот, за панаѓури, уредби за трговија, за пописите, даноците, религијата, за отворањето нови цркви, манастири, џамии, конаци, за оторањето училишта, за конзуларните претставништва, за вооружената борба, за хиерархиската структура на тајната организација, за дисциплината, солидарноста, за страдањата на народот и за Илинденското востание.

Историјата секогаш нѐ обврзува ништо и никого да не заборавиме, меѓу другото запишал директорот на Државниот архив, Емил Крстески во каталогот за првата презентација на документи за Прилеп и Крушево од илинденскиот период.  Архивот ја отвора вратата за досега непознатите  илинденски документи. За ние повеќе да се осознаеме кои сме, а историчарите да се втурнат во обемни истражувања.Тоа би било, еден вид, збогатување на нашата историја и нови докази за тогашниот и понатамошниот период за Македонија. 

Елизабета Митреска за МИА