Македонија се соочува со катастрофа, загрозени се села и градови, горат илјадници хектари шуми, загрозени се животи и имоти на граѓаните, а Заев и министрите се на одмор!
Ова се истакнува во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ, во врска со актуелната состојба со пожарите во Македонија.
-Оваа власт на Заев е ненародна, но ова веќе е бесрамно. Граѓаните се оставени сами да се борат со огнените стихии, додека половина влада вклучително и Заев уживаат на плажа. Три дена нема трага и глас од Зоран Заев. Неговата власт е одговорна што две години скапуваат во хангари авионите за гаснење на пожар без сервис. Неговата власт е виновна што надлежните институции не реагираа навреме пред пожарите да ескалираат, се вели во реакцијата.
Натаму во соопштението се додава:
-Се трошат пари за мебел, службени возила, повисоки хонорари и партиски вработувања, наместо да се обнови и зајакне капацитетот кој треба да ги штити граѓаните од пожари. Веќе никој не бара одговори од Заев, веќе од Заев и оваа власт се бара одговорност!- се вели во реакцијата.
СДСМ се тотално изгубени, обвинува опозицската партија.
– Да функционираше системот за заштита, пожарите навреме ќе беа локализирани и немаше да бидат од толку големи размери да загрозуваат села и градови во Македонија. Патем и помошта која пристига од Србија, Словенија, Австрија и Бугари нема кој соодветно да ја координира. Буквално поминуваат по 1000 километри за да помогнат, а одговорните од Македонија ги нема нигде. Дополнително самите во СДСМ велат дека станува збор за катастрофа од големи размери со огромни штети, а врвот на власт никаде го нема. Народот е оставен сам да се снаоѓа, да се спасува и да ги гаси пожарите додека Заев, Шилегов, Спасовски, Николовски и останатите тераат одмор. Затоа е бесрамно СДСМ да бара од граѓаните и партиите одговорност, кога тие се неодговорни. Дозволија стихиите да се прошират, навремено не интервенираа надлежните, немаат сервисирано авиони за гаснење пожар во пресрет на ризичниот период за пожари, а капак на се заминаа на одмор и го оставија народот сам. Веќе никој не бара одговори од СДСМ и Заев. Народот бара одговорност!- се вели во соопштението.
Натаму во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ се додава:
-СДСМ води пироманска политика. Додека народот голта чад, гаси пожари со кофи и стравува за своите животи и имоти, премиерот Заев пие коктели и се лади. Вистински предмет на стручна опсервација треба да биде премиерот Заев, штом во услови кога Македонија гори тој може безгрижно да ужива на одмор. Секој одговорен државник кога земјата му е загрозена или се соочува со природна катастрофа, откажува состаноци и активноста, а не пак да замине на одмор. Очигледно на премиерот Заев му е поважен одморот од народот. Ова само потврдува дека освен што се неспособни се и неодговорни. Народот повеќе не очекува одговори од СДСМ и Заев, туку очекува одговорност!- гласи реакцијата.