Американски суд по трет пат ја отфрли жалбата на германскиот фармацевтски гигант „Баер“ против пресудата со која се прогласува за виновен за тоа дека неговиот хербицид „Roundup“ е канцероген.

Судот во Сан Франциско вчера повторно ја потврди пресудата дека „Баер“ е виновен за предизвикување на ракот од кој заболе брачната двојка Алберта и Алва Пилиод, пренесува ДПА.

Судот во Калифорнија првично го осуди „Баер“ во 2019 година, а компанијата требаше на брачната двојка да и исплати отштета од две милијарди долари. Судот подоцна го намали износот на 86,7 милиони долари.

-Со почит, но не се согласуваме со одлуката на судот, бидејќи пресудата не е во согласност со доказите презентирани за време на судењето, изјави портпаролот на германската компанија.

„Монсанто сега ги разгледува законските опции за овој случај“, додаде тој, мислејќи на компанијата што го произведува „Раундуп“, а која Баер ја купи во 2018 година.

-Ние се уште стоиме зад фактот дека „Roundup“ е безбеден препарат, како што беше потврдено со четиридецениската наука и проценките на водечките светски регулатори кои ја потврдија неговата безбедност, додаде портпаролот.