Белоруските власти вчера уапсија неколку продемократски активисти како дел од се поинтензивната кампања за сузбивање на противниците на лидерот Александар Лукашенко. Полицијата притоа го уапси и кандидатот на ланските спорни претседателски избори, Андреј Дмитреу, за Радио Слободна Европа изјави неговата колешка од граѓанското движење „Кажи ја вистината“ Татјана Караткевич. Таа посочи дека не е познато местото каде е приведен Дмитреу, ниту причината за неговото апсење.
Белоруските власти треба веднаш да го ослободат новинарот Сергеј Харџевич и да престанат да затвораат независни новинари како одмазда за нивната работа, соопшти вчера Меѓународниот комитет за заштита на новинарите (ЦПЈ).
Окружниот суд во Брест, на југозапад од земјата, на 2 август осуди дописник на независниот регионален сајт „Перши регион“ под обвинение за навреда кон белорускиот претседател Александар Лукашенко и двајца полицајци, како и за клевета на еден од тие полицајци, изјави неговиот уредник Павел Даилид, кој со ЦПЈ разговарал преку апликација за размена на пораки.
Судот го осуди Харџевич на 18 месеци затвор и му наложи на секој од полицајците да им плати отштета од 2.000 рубли (793 американски долари). Харџиевич ги отфрла обвинувањата и планира да поднесе жалба на пресудата.
Неговите колеги посочуваат дека тој често пишувал за злоупотребите на локалната полиција и веруваат дека ова е одмазда.
-Затворањето на новинарот Сергеј Харџевич уште еднаш покажува злоупотреба на законот од страна на белоруските власти со цел да ги замолчи независните новинари кои известуваат за прекршоци, рече директорот на програмата на ЦПЈ, Карлос Мартинез де ла Серна.
„Властите не треба да ја отфрлат жалбата на Харџиевич, туку веднаш да ги ослободат и другите новинари неправедно приведени зад решетки“, истакна де ла Серна.
Полицијата и безбедносните сили во средата извршија претрес во домовите и приведоа повеќе од 20 членови на опозициската иницијатива „Скод“ (Собрание), вклучувајќи го и поранешниот белоруски амбасадор во Словачка, Игор Лешчења, кој отворено ги поддржа протестите во јавноста со оспорување на официјалните резултати од изборите во август 2020 година, на кои Лукашенко го обезбеди шестиот мандат.
Група белоруски волонтери кои вчера учествуваа во лоцирањето на затворениците утврдија дека Лешчења е меѓу десетиците одведени во озлогласениот притворен центар Акрештин во Минск.
Останува нејасно зошто биле претресени куќите и по кои обвиненија биле приведени активистите.
Лукашенко во септември 2020 година му го одзеде дипломатскиот статус на Лешчења за „несоодветно однесување“.