Европската медицинска агенција (ЕМА) денеска соопшти  дека ќе одлучи дали ќе биде потребна трета доза на антиковид вакцината, бидејќи американските регулаторни тела размислуваат за дополнителни дози.

ЕМА изјави дека е во контакт со производителите на вакцини за да го координираат доставувањето на потребните податоци и дека е свесна дека многу европски земји размислуваат да дадат дополнителни дози на населението кое е веќе имунизирано.

„Во оваа фаза, ЕМА се уште не утврди дали и кога ќе биде потребна дополнителна доза на вакцина против Ковид-19“, соопшти агенцијата во електронска пошта.

„Во следните неколку недели се очекуваат дополнителни податоци од компаниите што ги произведуваат вакцините, а ЕМА ќе ги разгледа информациите за производот врз основа на тоа“, се наведува во соопштението.

ЕМА додаде дека веќе работи со другите европски здравствени претставници и национални групи за имунизација, во случај да бидат потребни дополнителни дози.

Оттаму додаваат дека во моментов се чека оценката на конкретните податоци за ефикасноста на вакцините во Европа и другите региони. Земјите, вклучувајќи ги Израел и Франција, неодамна почнаа да даваат трета „бустер“ доза за некои грѕпи граѓани и лица чиј имунитет можеби е намален.

Светската здравствена организација ги повика богатите земји да почекаат со давањето на третата доза се додека не се вакцинира се уште невакцинираната популација, претежно во посиромашните земји.