Угостителите бараат промени на новите мерки за заштита од Ковид-19, откако уште во првите денови од нивната примена забалежаа пад на прометот од најмалку 30 проценти во однос на изминатите недели. Се откажуваат и веќе закажаните свадби и настани зашто со бројот на вакцинирани гости, не може да се организираат. Превенцијата во насока на заштита на јавното здравје, како што оценија вчера од угостителско-туристичкиот сектор, е приоритет, но истовремено треба да се има предвид потребата од мерки со кои ќе се овозможи поддршка и опстојување на компаниите.
Гледаат можност за измени на мерките кај потврдата за прележан Ковид во последните 45 дена. Предлагаат таа да биде заменета со потврда за прележан вирус во последните шест месеци, како што е во поголем број од државите и што, како што велат, е согласно препораките на стручната јавност.
-Чекаме измени кои би биле малку посоодветно осмислени и кои би и дале малку повеќе логика на целата оваа приказна. Ова што е сега во сила, се донесе набрзина поради целата ситуацијата. Апелираме до сите да бидат трпеливи запто се надеваме дека ќе има промени на мерките, изјави вчера потпретседателот на Туристичко-угостителска комора (ТУК), Мартин Ангеловски.
Во Одлуката за мерките е наведено дека се воведува забрана за влез во секаков вид угостителски објект за лицата кои не поседуваат сертификат, односно потврда за извршена имунизација или сертификат за прележан КОВИД во последните 45 дена.
-Сметаме дека тука треба да се создаде можност за влез во овие објекти и за лицата кои прележале ковид-19 во изминатите 6 месеци или кои ќе приложат резултат од негативен PCR тест или антиген тест. На тој начин повторно се внимава на заштита на здравјето, но се создава дополнителна можност за да не бидат изолирани лицата кои не се вакцинирани, а сепак имаат стекнат имунитет или со тест докажуваат дека не се носители на вирусот. Одлуката предвидува од 1 септември за влез во државата да се приложи сертификат/потврда за вакцинација или потврда за прележан вирус во последните 45 денови. Сметаме дека и тука барањето за потврдата за прележан вирус во последните 45 дена, треба да биде заменета со потврда за прележан вирус во последните шест месеци, како што е во поголем број од државите и што е согласно препораките на стручната јавноста, рече Ангеловски.
Во одлуката во која се регулираат новите мерки е дозволено за да се влезе во државата, покрај поседување на сертификат за примена вакцина или потврда за прележан вирус да се одбере и можност седумдневна изолација. Во овој дел, од Туристичко угостителската комора, бараат изолацијата да може да биде прекината по приложен негативен тест. – Тоа значи дека граѓаните на самите гранични премини да си земат документ за самоизолација, а истата да може да биде прекината со приложување на негативен PCR тест или антиген тест уште во наредните 24 часа. Исто така потребно е во меѓуграничните зони да се воспостави можност за изработка на тестови за КОВИД кои ќе бидат по достапни цени. За намалување на трошоците на граѓаните добро во мерките да се предвиди можноста за влез во државата со негативен селф антиген тест, кој може да се купи во аптека, изјави Ана Марија Алексова, член на ТУК.
Според неа, неопходно да се земе превид дека воведувањето на новите мерки и рестрикции значи сериозно ограничување во работата на туристичко-угостителскиот сектор поради што и треба да се планираат економски мерки за поддршка.
Поддршка за туристичко-угоститеслкиот сектор бара и Стопанската комора на Северна Македонија. Од Здружението на угостителството и туризмот при комората до кабинетите на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министрите за економија Крешник Бектеши и за здравство Венко Филипче доставија седум предлог-мерки.
Комората бара бизнис-секторот од туристичко-угостителскиот сектор да биде вклучен во конципирање на мерките и одлуките со кои се ограничува функционирањето на деловните субјекти бидејќи постојат, како што се наведува, недоречености и потреба од нивно дооформување со што дополнително се отежнува работењето на компаниите. – Сите ПЦР-тестови за странските државјани (туристи) со регулиран престој да бидат во целост покриени од државата, да продолжи поддршката за работните места во секторот, безусловно, според шифрата на дејноста (угостителски објекти за ноќевање, туристички агенции и тур-оператори) кои имаат и драстично мал обем на деловна активност веќе втора година по ред и да се реализира мерката грант-поддршка за хотелите надвор од туристичките центри кои не беа корисници на ваучерите издадени за посебни категории граѓани во 2020 година во вкупен износ од еден милион евра како дел од усвоениот петти пакет мерки поддршка на стопанството, стои во предлог-мерките на Комората.
Оттаму сметаат дека за поддршка на хотелскиот бизнис треба да се овозможи за сите организирани настани (семинари, работилници, конференции) кои се случуваат во хотелите присуство со валиден негативен ПЦР-тест, бидејќи многу од објектите имаат испланирани деловни активности кои со последните мерки масовно се откажуваат.
Се бара да се дополни и член 14 став 3 од одлуката за изменување и за дополнување на одлуката за превентивни препораки, времени мерки, за наредени мерки, наменски протоколи, планови и за алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од КОВИД, како и за случаите и за временскиот период на нивна примена, објавена во Службен весник бр. 193 од 18 август 2021 година. На крајот од ставот да се додаде уште една реченица, која ќе гласи „Лицето кое по враќањето во земјата ќе приложи негативен ПЦР-тест да му биде прекинат карантинот“. Сметаме дека лицата кои не се во можност да направат ПЦР-тест при влез во земјата од која било причина, а имаат обврска да се вратат на работа, да може да го искористат правото во државата да ја реализираат обврската за ПЦР-тестирање, наведе Комората.
Стопанската комора смета и дека треба да се обезбедат гарантирани кредити за инвестиции затоа што кредитниот рејтинг на туристичко-угостителската дејност е доведен во прашање и за последната календарска година тие покажуваат негативни резултати.