Јасни се препораките дека природниот имунитет после прележување на болеста, со тек на време се намалува и вакциналниот е оној којшто е потраен, пишува на својот ФБ профил министерот Филипче.

-Во таа смисла, Американскиот центар за контрола на болести тоа го укажува, Светската здравствена организација тоа го укажува, според препораките 10 дена после тестирањето кај асимптоматските пациенти се препорачува вакцинација. Значи, сите препораки одат кон тоа за што пократко време, луѓето да се имунизираат. Точно е дека има студии коишто препорачуваат и коишто констатираат дека луѓето, граѓаните имаат имунитет и после 5-6 месеци по прележувањето на болеста, дури студии и после 8 месеци, меѓутоа природниот имунитет се намалува. Имајќи предвид дека имаме препораки за што поскоро вакцинирање битно е граѓаните да се вакцинираат и за што пократко време да се постигне колективен имунитет. Не можеме веќе да чекаме и да се соочуваме со нови бранови, а низок процент на вакцинација. Тоа е логиката и за препораката од 45 дена по прележувањето граѓаните да се вакцинираат. Нема зошто да се одложува вакцинацијата, а бенефитот е подигање на колективниот имунитет, за целосно да се смени сликата со пандемијата – истакнува министерот.

Ова е негов одговор на реакциите на д-р Данаиловски, д-р Пановски и други лекари кои побараа од Филипче да објасни зошто е потребно вакцинирање на тие што ја прележале боеста 45 дена по прележувањето, кога имунитетот на тие луѓе трае многу повеќе.

Така, Данаиловски денеска меѓудругото напиша:

Најмногу „здоболеа“ „мерките“ за несреќната потврда за примена само една доза и четириесет и петте дена за прележаните, како услови за уживање во животот. И овој пат ќе повторам: Епидемиолошка (и имунолошка) бесмислица! И на сите што умеат логично да размислуваат, јасно им е зошто. Само на колегите во Комисијата за заразни болести и Комитетот за имунизации (како да) не им е… Зошто?

Што се постигна со тие мерки? Ништо особено… Се зголеми донекаде бројот на заинтересирани за вакцинација… за да се втурнат во „живот“ веднаш утредента – со примена прва доза… Ама и оние со примена втора доза, се прашувам, се варделе ли во следните две, односно шест недели, за да им профункционира вакцината!? (Патем, зошто на секој вакциниран граѓанин не му се даде флаер, на лице место, со инструкции како да се однесува по примање на дозите?) Со тоа само се фаворизираше дневниот број на заразени! И револтот и гневот! Се испокаравме меѓу себе! И се исподеливме дополнително… А не моравме“, истакнува докторот.

Никола Пановски повеќе паги го повторувал својот став. Во една од неговите објави на ФБ тој напиша:

„Јас сум воопшто против сертификати. Дека прележаните не треба да се вакцинираат, односно ако веќе се вакцинираат треба да се вакцинираат со една доза, кажано е повеќепати . Мислењата и препораките се дадени одамна, не се прифатени од власта. СЗО или не знам кој рекол, прележаните на вакцина по еден месец! Може да имате антитела до плафон, ако не се од вакцина, џабе е. Ако не биле високи, со првата доза одат високо, не вреди, морало втора доза за да се добиел аусвајсот! Во исто време добар број вакцинирани немаат антитела, очигледно можат да го шират вирусот, но пусулче ќе добијат“.

Пред неколку дена тој додаде:

„Со документ за прележаност која се случила не порано од 9 месеци, Швајцарија го промени на 12 месеци, можете да патувате во ЕУ без вакцинација, кај нас во кафуле на тераса не смееш да влезеш ако минале 45 дена! Носењето маска на планина и на нива не била толку глупава мерка, секогаш може поглупаво!“