На сите Авганистанци кои ќе дојдат во Албанија ќе им биде понудена можност да поднесат барање за политички азил, откако веднаш по пристигнувањето ќе им биде дадена дозвола за престој, пренесува Топ Чанел.

-Ова е за да се исполнат законските прописи што се во сила во албанската држава, со кои се бара апликација за дозвола за престој, врз основа на член 33 од Женевската конвенција за бегалци. Во овој процес ќе бидат вклучени Министерството за внатрешни работи преку Дирекцијата за граница и имиграција, додава телевизијата.

Топ – чанел дознава дека постои уште една причина зошто на Авганистанците ќе им биде понуден политички азил во земјата.

-Ова се должи на фактот дека може да има и такви кои не ги исполнуваат критериумите за добивање специјална SIV виза, по обработката на апликацијата од страна на службениците на американската амбасада. Авганистанците, кои се очекува да дојдат во Албанија, пред американските власти за визи ќе треба да ја докажат својата соработка со американската војска или НАТО во Авганистан, посочува телевизијата.

Според истиот извор се уште не познато кога американскиот воен авион ќе го донесе на аеродромот „Ринаси“ во Тирана, првиот контингент Авганистанци, чиј домаќин ќе биде Албанија.

Премиерот Еди Рама деновиве за италијански „Фогли“ изјави дека неговата земја ја отвори вратата за најмалку 3.000 Авганистанци.

Тие ќе бидат сместени во студентскиот центар во Тирана, како и во хотели во Драч и Берат, откако ќе ја минат неопходната процедура. За таа цел во армискиот дел од аеродромот се поставени шатори, од пред неколку дена, кога беше најавено доаѓањето на првата група.