Полските власти одлучија да изградат ограда висока 2,5 метри на границата со Белорусија, објави на Твитер министерот за одбрана Мариуш Блашак.

„Нова здрава ограда во висина од 2,5 метри ќе се појави на границата со Белорусија“, напиша тој.

Според него, „ќе биде зголемен и бројот на војниците за да им помогнат на граничарите“.

Во блиска иднина, Блашак планира да даде детали за понатамошното вклучување на армијата во граничната безбедност. Во моментов се вклучени околу 1.000 војници.

Претходно, Полска и Литванија ја повикаа Европската унија да преземе поостри мерки против Белорусија во врска со миграциската криза во регионот, за која се тврди дека е испровоцирана од Минск.

Од почетокот на годината, повеќе од 4.000 илегални мигранти се приведени на литванско-белоруската граница. Ова е речиси 50 пати повеќе отколку во целата 2020 година.

Според полското Министерство за внатрешни работи, од почетокот на август се регистрирани 2.100 обиди за илегален влез во земјата од територијата на Белорусија. Граничарите спречија 1.350 обиди за преминување на границата.