Околу 19.000 луѓе беа евакуирани од Кабул во вторникот, а вкупно 82.300 од 14 август, соопшти Белата куќа, во услови кога меѓународната заедница се обидува да извлече што е можно повеќе луѓе од Авганистан до 31 август, кога е рокот за повлекување на странските војски од таа земја. Талибанците кои ја презедоа контролата над Авганистан во повеќе наврати соопштија дека немаат намера да го пролонгираат рокот.
Во изминатите 24 часа, 42 американски воени летови и 48 летови на коалициските сили помогнаа да се евакуираат луѓе од главниот град на Авганистан, Кабул, меѓу кои дипломати и Авганистанци кои соработувале со меѓународни организации или странски држави.
Во најголемата досега операција, САД и нивните сојузници евакуираа повеќе од 80.000 луѓе, вклучувајќи ги свои граѓани, персонал на НАТО и загрозени Авганистанци, од 14 август, еден ден пред талибанците да влезат во Кабул и да стават крај на 20-годишното присуство на странска војна.
Американскиот претседател Џо Бајден рече дека САД ќе се држат до 31 август како краен рок за целосно повлекување на војската, и покрај предупредувањата од европските сојузници дека не сите загрозени Авганистанци ќе можат да заминат до тој рок.
Франција ќе ги продолжи операциите за евакуација од Авганистан што е можно подолго, но најверојатно ќе ги заврши тие операции во следните часови или денови пред крајниот рок до 31 август, изјави владиниот портпарол Габриел Атал. Тој додаде дека се уште не може да даде прецизен рок за завршување на француската евакуација од Авганистан.
Британскиот министер за надворешни работи Доминик Рааб изјави дека крајниот рок за евакуација на луѓето е до последната минута од август.
Десетици илјади Авганистанци го окупираа аеродромот во Кабул во страв од прогон, а среќниците обезбедија место на летовите, пишува Хина.
Холандската влада стравува дека оние што ги исполнуваат условите за азил нема да бидат евакуирани навреме. Холандските војници успеаја да одведат повеќе од 100 луѓе на аеродромот во Кабул, рече министерката за надворешни работи Сигрид Кааг, но стотици други би можеле да останат таму.
Напорите за евакуација на Унгарија се при крај, откако централноевропската земја евакуираше нешто повеќе од 500 луѓе од Кабул, изјави денеска министерот за надворешни работи Петер Сијарто.
– Точното време ќе го објави воениот командант, а тоа може да се случи денеска, рече Сијарто на прес -конференција, додавајќи дека повеќето од евакуираните се Авганистанци кои помагале на унгарска добротворна организација или унгарски војници.
– Странските војници треба да се повлечат до крајниот рок. Тоа ќе го отвори патот за продолжување на цивилните летови, објави портпаролот на талибанците Сухаил Шахин на Твитер. Луѓето со легални документи ќе можат да патуваат со комерцијални летови по 31 август, рече тој.