САД ќе и доделат на Украина уште три милијарди долари економска помош по потпишување меморандум на разбирање, соопштија денеска од Белата куќа. 

Вашингтон исто така ќе му додели на Киев одбранбени системи со уништувачки потенцијал во рамки на пакетот помош вредна 60 милиони долари доделени за одбрана, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Претседателите на САД и Украина, Џо Бајден и Володомир Зеленски денеска се среќаваат во Белата куќа. 

На брифинг во пресрет на средбата, претставничка на Администрацијата на САД изјави дека посетата на Зеленски е „потврда за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“, како и за заложбите на Вашингтон за демократски реформи и економски прогрес на земјата. 

Во рамките на „продлабоченото и без тоа цврсто економско партнерство“ меѓу двете земји, државната „Експорт-импорт банка и Министерството за економија, трговија и земјоделство на Украина ќе потпишат меморандум за разбирање со првичен обем од три милијарди долари поддршка од ЕКСИМ “. 

Претставничката на Администраицијата рече дека пакетот помош од 60 милиони долари вклучува одбранбено летачко и нелетачко оружје. Украинa ќе добие допoлнителни противтенковски системи „Џавелин“.

Од Администрацијата прецизираа дека од 2014 година досега, САД на Украина ѝ доделиле помош од 2.5 милијарди долари.