Никој не им се заканува на македонските граѓани со изолација, тие можат и треба сами да одлучат за иднината на државата. Иднината може да биде членство во НАТО и станување дел од ЕУ, доколку имате успех на референдумот на 30 септември и секако, треба да се каже дека има и одредени предуслови што треба да се исполнат.

Ова на денешната прес конференција во Владата на РМ го порача германската канцеларка Ангела Меркел, која е во прва официјлна посета на Македонија.

– Постоеше спор меѓу вашата земја и Грција и мораше да се најде и решение. Затоа прашањето на името и прашањето за членство се поврзани. Тоа е прашање што не е поврзано со Владата, туку со тоа што сите земји членки треба да се согласат со него. Луѓето на 30 септември имаат можност исто како што направија пред 27 години, да гласаат дали сакат да припаѓаат на семејство на ЕУ и НАТО, а тоа бара истовремено прифаќање на Договорот со Грција, рече Меркел на заедничката прес конференција со премиерот Зоран Заев.

Таа испрати политичка порака „да се искористи шансата и кажете каква индина сакате да имате“.

Премиерот Заев, и искажа добредојде на Меркел, како прв германски канцелар што доаѓа во Македонија и тоа на вака голем ден, како што е Денот на независноста. Притоа, тој се заблагодари и за отворената подршка што Германија, како еден од најголемите поддржувачи на нашата евроаталнтска интеграција, ја дава во своите билатерани и мултилатерални односи.

– Поддршката што ја добиваме е огромна и пријателска во нашите напори да изградиме просперитено европско општество. Токму поради тоа, охрабрени сме да го направиме историсиот исчекор, рече Заев, додавајќи дека пред Македонија, сепак, останува „домашната работа“, а тоа се забрзување на реформите.

Одговарајќи на новинарски прашања Меркел кажа дека денеска нема да се сретне со претседателот Иванов, но дека ќе има средба со лидерот на опозицијата, на кого ќе му ги пренесе истите пораки што му ги упати и на премиерот Заев.