На денешните протести за правото на жените за еднаквост во Кабул избија судири, при што се повредени неколкумина.
Авганистанските жени втор ден протестираат во Кабул, кој е под контрола на талибанците, барајќи женски права, еднаквост, правда и демократија.
Активистките протестирајќи во близина на претседателската палата носеа транспарент на кој пишуваше „Ние не сме жените од 90-тите“.
Талибанците претходно ветија дека ќе ги почитуваат правата на жените како дел од нивното толкување на исламското учење.
Талибански лидер Шир Мохамад Абас Станекзаи претходно истакна дека не мисли дека жените ќе бидат назначени на високи позиции во новата влада, но дека тие ќе имаат улога.
Кога талибанците беа на власт во 90-тите години на минатиот век, жените мораа целосно да се покријат со бурка и не им беше дозволено да се движат надвор од куќата без придружба на машки член на семејството. Покрај тоа, на девојчињата не им беше дозволено да одат на училиште, а на жените не им беше дозволено да се вработат.