Министерот за образование во француската влада Жан-Мишел Бланкер, соопшти дека помалку од една недела откако почна учебната година, во моментов се затворени 545 одделенија во Франција поради епидемијата Ковид-19, односно „малку над 0,1 отсто“ од сите, јави дописникот на МИА.
– Денеска имаме 545 затворени одделенија во Франција. Тоа се малку над 0,1 отсто. Ова се важни податоци, кои покажуваат дека во моментов ние сме во ситуација која наликува на онаа од минатата година“, рече Жан-Мишел Бланкер, запрашан за почетокот на учебната година за време на прашања до владата во Националното собрание.
На 2 јули, 374 паралелки беа затворени од 528.400, или 0,07 проценти, според бројките на Министерството за национално образование. Враќајќи се на резултатите од почетокот на новата учебна година, Бланкер подвлече дека „на целата територија, можеме да сметаме дека денес помина добро, во смисла дека учениците беа таму, наставниците беа таму. И каде немаме големи проблеми со враќањето на училиште“.
Речиси 12,3 милиони ученици се вратија на училиште во четвртокот под закана од варијантата Делта на Ковид-19, што предизвикува многу прашања кај родителите и наставниците. За овој почеток на учебната година, Министерството го усвои здравствениот протокол „ниво 2“ (од 4) со кој се овластува сите ученици да бидат примени на настава и бара од нив да носат маска во затворени простории, освен во градинка. Случај на Ковид-19 во клас во основно училиште до петто одделение води до затворање, како во јуни. Во случај на контаминација на основно од шесто до деветто одделение или средно училиште, само учениците со контактни случаи кои не се вакцинирани мора да се изолираат една недела.