Викендов се возеа последните две трки од БМУ Европскиот шампионат во брзински мотоциклизам. Македонскиот натпреварувач Христијан Бузалковски (71 Теам) успеа да оствари две победи на двете трки и заслужено да дојде до втората БМУ Европска титула.
Конечно, по многу проблеми со моторот (четири пукнати машини) и неколку падови, успеавме да го извозиме последниот тркачки викенд на најдобар можен начин, без грешка, онака како што посакував и умеев. Извозевме одлично, двете трки ги стартував од втората позиција, и уште од самиот старт успеав да направам предност во однос на второпласираниот. Водев од самиот старт па се до последниот круг, точно, прецизно без грешка. И ете успеавме по втор пат да го освоиме БМУ Европскиот шампионат,само овој пат во повисоката класа од 600 кубни сантиметри, изјави Бузалковски.
Покрај тешката сезона, со многу падови и проблеми за нашиот мотоциклист сепак сезоната заврши на најдобар можен начин, со остварени две победи, и најбрз круг во неговата класа.