Компанијата Фајзер денеска соопшти дека нејзината вакцина против коронаирусот е ефикасна и безбедна за деца на возраст од пет до 11 годишна возраст и дека наскоро ќе побара одобрување од американските власти за употреба.
Вакцината, произведена од американски Фајзер и германскиот партнер БиоНТек, веќе се користи за имунизација на деца постари од 12 години. Вакцината ќе се дава во помала доза отколку за лица над 12 години, се вели во соопштението на компаниите.
„Кај учесниците на возраст од 5 до 11 години, вакцината е безбедна, добро се поднесува и покажува стабилни реакции на неутрализирачки антитела“, се вели во заедничката изјава на американскиот гигант Фајзер и неговиот германски партнер. Тие планираат да ги пренесат своите податоци од истражувањата на регулаторите во Европската унија, САД и во целиот свет „што е можно поскоро“.
Резултатите од истражувањето се први од ваков вид за деца под 12-годишна возраст. Испитувањето за вакцина Модерна за деца на возраст од 6 до 11 години се уште трае. Вакцините Фајзер и Модерна сега се достапни за адолесценти над 12 годишна возраст и возрасни во земји низ целиот свет. Иако децата се сметаат за помалку изложени на ризик од тешка форма на коронавирус, постои загриженост дека многу заразната делта варијанта може да доведе до посериозни случаи.
Вакцинацијата на децата исто така се смета за клуч за одржување на училиштата отворени и како можност за ставање крај на пандемијата.
-Со нетрпение очекуваме да ја прошириме заштитата што ја дава вакцината за оваа помлада популација, рече извршниот директор на Фајзер Алберт Бурла, истакнувајќи дека „од јули, случаите на Ковид-19 во САД се зголемиле за околу 240 отсто“.
Децата во возрасната група од 5 до 11 години примиле вакцина во две дози од 10 микрограми во студијата, во споредба со 30 микрограми за постарите возрасни групи, велат компаниите.
Инјекциите се даваат во период од 21 ден. Дозата од 10 микрограми беше „внимателно избрана како претпочитана доза за безбедност, подносливост и имуногеност“ за оваа возрасна група, се вели во соопштението на компаниите.
Несаканите ефекти се „генерално споредливи со оние што се забележани кај учесниците на возраст од 16 до 25 години“, се вели во соопштението.
Најчесто пријавени несакани ефекти во минатото беа болка и оток на местото на инјектирање, како и главоболка, температура и треска.
Израел веќе даде специјална дозвола за вакцинирање на деца на возраст од 5-11 години, кои се „под значителен ризик од сериозни болести или смрт“ од коронавирус користејќи Фајзер во помала доза.