Кинескиот лидер Си Џинпинг во обраќањето на Генералното собрание на Обединетите нации рече дека Кина повеќе нема да гради нови електрани на јаглен во странство, како нејзин придонес во справувањето со климатските промени.
– Кина ќе ја засили поддршката за другите земји во развојот на зелена енергија и нискојаглеродна енергија и нема да финансира нови проекти за јаглен во странство, рече Си во претходно снименото видеообраќање на годишниот собир на ОН, нагласувајќи ги кинеските мирољубиви намери во меѓународни односи.
Кина беше под дипломатски притисок да го прекине финансирањето на проекти за енергија на јаглен во други земји, бидејќи тоа ќе го олесни одржувањето на патот кон исполнување на целите на Парискиот климатски договор за намалување на емисијата на јаглерод.
Објавата на Си следеше по слични потези на Јужна Кореја и Јапонија претходно оваа година, по што генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш и американскиот пратеник за климата Џон Кери ја повикаа Кина да ги следи азиските колеги.
Си повтори дека Кина ќе има максимум емисии пред 2030 година и оти ќе има нулта стапка на емисии до 2060 година.
Кина е најголемиот светски емитер на гасови со ефект на стаклена градина, бидејќи се уште се потпира на јаглен за домашните потреби за енергија.