Мерките на Владата даваат видливи резултати, туризмот во периодот јануари-јули 2021 година е зголемен за 56,6 отсто во споредба со истиот период претходната година, напиша на Фејсбук премиерот Зоран Заев.
За да биде комплетна информацијата за „бомбастично зголемениот процент на туризмот“ треба да се има предвид дека се споредува со ланскиот период кога поради пандемијата туризмот беше речиси замрен.
-Денеска го одбележуваме Светскиот ден на туризмот, под глобалното мото „Tourism for inclusive growth”.Владата со конкретни мерки, во консултација со сите чинители во секторот, ја поддржа оваа индустрија која беше една од најпогодените од пандемијата во светски рамки. Мерките кои се имплементирани, годинава дадоа видливи резултати: бројот на туристите во јули 2021 година изнесува 136.291, од кои 66,4 отсто се домашни туристи, а 33,6 отсто се странски туристи. Бројот на ноќевањата во јули 2021 година изнесува 618.314, од кои 83 отсто се од домашните туристи, а 17 отсто од странските туристи, напиша Заев.
Во периодот јануари-јули 2021 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 46,4 отсто, истакна Заев и посочи дека кај домашните туристи има зголемување за 36,4 отсто, а кај странските зголемувањето е за 79 отсто.
-Како главни проекти кои придонесоа за зголемување на бројот на туристи беа кампањата „Дома си е дома“ и ваучерите за домашен туризам, додека кај странските туристи безнедосниот печат (safe travel stamp). Секторите туризам и угостителство и оваа година беа поддржани со директни грантови од страна на Владата, напиша на ФБ премиерот Заев.