Најмалку 12 борци на сирсиките провладини сили загинаа минатата ноќ при воздушни напади на меѓународната антиџихадистичка коалиција во источниот дел на Сирија, соопшти денеска Сирискиот центар за мониторинг на човековите права.
Според Центарот, чие седиште е во Лондон, бомбардирањата биле извршени јужно од градот Албу Камал, подрачје кое претходно во неколку наврати беше цел на напади на џихадистичката група Исламска држава (ИД).
Во соопштението на Центарот се нагласува дека загинатите борци не биле Сиријци, но не се посочува нивната националност.
Претходно, сириските државни медиуми јавија дека авиони на меѓународната антиџихадистичка коалиција предводена од САД, рано изутринава нападнале неколку позиции на армијата на Сирија во источниот дел на земјата.
Според сириски воен претставник, цел на воздушните напади биле армиски позиции меѓу градовите Албу Камал и Хмејмех.
Истиот извор информира дека при нападите нема човечки жртви, туку била предизвикана само „материјална штета“.
Претставници на Централната команда на Вооружените сили на САД и на Пентагон, од своја страна, изјавија дека немат информации за такви напади.
Албу Камал и Хмејмех се наоѓаат во сириската источна провинција Дејр аз-Зур, каде владините сили, поддржани од Русија, и бунтовничките групи, поддржани од меѓународната коалиција, водат одвоени борби со остатоците на ИД.
На страната на властите во Дамаск, покрај сириската армија, се борат и разни паравоени групи, припадници на либанското шиитско движење Хезболах, како и ирански војници.