Владината програма на партијата Лига и на Движењето Пет ѕвезди претставува вознемирувачки коктел за Европската Унија, но и за Италија, пишува „Ле-з-еко-Париз“.

Дали Италија може да ја крене во воздух Европската Унија? Луиџи Ди Мајо и Матео Салвини успеаја да постигнат „договор за влада на промени“, кој беше одобрен од мнозинството членови на двете популистички партии – Движењето Пет ѕвезди, формирано од поранешниот комичар Бепе Грило и паријата Лига, која настана од сепаратистичкото движење од реоните на долината на реката По.

Програмата на двете политички партии, кои се лоцирани на двата краја на политичкиот спектар и чија главна допирна точка е амбицијата да бидат антиинституционални, пред се, претставува коктел од скапи ветувања.

Таа „жолто-зелена“ коалиција се откажа од најлошото: Италија да излезе од еврозоната, како и од отпишување на долгот на земјата кон Европската централна банка од околу 250 милијарди евра.

Сепак нема причина за спокојство. И двајцата лидери сакаат нови преговори за правилата за раководење со Европската Унија, го осудуваат, како што велат, диктаторскиот однос на Брисел и сакаат да им свртат грб на мерките за штедење преку огромно намалување на даноците и во исто време со зголемување на социјалната помош.

Кон сето тоа се придодава и еден цврст антимигрантски курс кој предвидува Италија да не ги почитува одлуките на Европската Унија за мигрантите.

Поради сето тоа идната италијанска влада веќе доби „црвен картон“ од францускиот министер за економија Бруно Ле Мер, кој потсети на европските обврски на Италија.

Во пракса таа програма подготвена од влада на една од земјите основачи на ЕУ претставува системски ризик. Италија сепак не е Грција, бидејќи станува збор четвртата економија во Унијата и третата во еврозоната.

Нивото на нејзиниот долг од 132 проценти од бруто домашниот производ е понизок од нивото на Грција, но во апсолутни бројки станува збор за астрономска сума од 2.300 милиони евра.

Покрај тоа, Италија заостанува и според економскиот раст. Ниту намалувањето на даноците, ниту други поголеми проекти на новоформираната коалиција како откажување од подготвената реформа на пензискиот систем или воведувањето на гарантирана минимална плата за најсиромашните, не ќе можат да бидат финансирани. Тој мал коктел би можел да чини сто милијарди евра годишно.

Втор ризик на кој можеме да бидеме сведоци е претворање на Италија во лабораторија за останатиот дел од Европа. За француски услови тоа би било незамислива коалиција меѓу екстремно десничарскиот Национален фронт и левичарската партија Непокорна Франција.

Сепак возможно е евроскептицизмот да продолжи да се шири во Европа и да бидеме сведоци на феномен на формирање неприродни коалиции.

Новата италијанска Влада би можела да биде со краток век, бидејќи со постигнатиот договор не се надминати противречните заложби на двете политички партии, ниту пак е ставен крај на ривалството меѓу нивните лидери.

Едно такво сценарио би довело до формирање на друга коалиција или до организирање на нови избори. Освен тоа можно е и пазарите набрзо да ја изречат својата „казна“, доколку планот за дополнителни трошоци од сто милијарди евра навистина биде усвоен.