Претседателот на Нова српска демократија и еден од лидерите на Демократскиот фронт, Андрија Мандиќ рече дека Владата на Црна Гора не заслужува преодна оценка, додавајќи дека 41 пратеник на владејачката коалиција смета дека сегашната ситуација е неодржлива.
Мандиќ за Адриа телевизија изјави дека премиерот Здравко Кривокапиќ, за време на формирањето на Владата на Црна Гора на 4 декември минатата година, побарал 200 дена за да го оцени нејзиното влијание.
– Кога се анализира што направи Владата на Црна Гора во тој период, какви беа очекувањата и изборните ветувања – може да се каже дека извршната власт не заслужува преодна оценка, рече Мандиќ.
Тој додаде дека по тие 200 дена објавиле дека Владата во овој состав ја нема поддршката. – И оттогаш, до денес, имаме разговори, преговори, се зголеми бројот на политички субјекти, кои исто така изразија незадоволство од работата на Владата. Сега, сите 41 пратеник сметаат дека моменталната ситуација е неодржлива, истакна Мандиќ.
Тој наведе неколку начини „за излез од кризата во Црна Гора“.
– Еден начин е реконструкцијата на Владата, за што, во овој момент, најголем број пратеници се „за“. Вториот е избор на нова влада, и ако ниту еден од овие два не се постигне, тогаш на крајот сигурно ќе следи третиот начин, а тоа е да ги прашаме луѓето како ќе се работи понатаму, рече Мандиќ.