Доколку ГЕРБ победи на парламентарните избори на 14 ноември со разлика од втората партија или коалиција поголема за 0,5 до еден отсто, оваа партија нема да се обиде да ја формира следната влада на Бугарија. Меѓутоа, доколку ГЕРБ направи разлика од пет до шест отсто, тогаш нема да бега од одговорноста и ќе направи обид за формирање влада, коментира за „Слободна Европа“ заменик-претседателот на ГЕРБ и поранешен вицепремиер Томислав Дончев.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Дончев, доколку 47. Национално собрание на Бугарија се придвижи кон обединување, ГЕРБ ќе биде подготвен да бара дијалог.
Дончев ги коментираше и претстојните претседателски избори во Бугарија, кои ќе се одржат заедно со предвремените парламентарни избори, на 14 ноември. Според него, доколку ректорот на Софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“, проф. Анастас Герџиков не стигне до вториот круг, логично е ГЕРБ да ја поддржи кандидатурата на Лозан Панов.
-Но, најверојатно е дека нема да дојдеме до таква хипотеза, рече Дончев.
Тој коментираше дека ќе е подготвен да учествува и во разговорите за судските реформи во Бугарија, но, според него, проблем е доколку тие реформи се сведат на смена на главниот обвинител Иван Гешев.