Австриската опозиција вчера побара оставка од канцеларот Себастијан Курц и поднесе барање за одржување вонредна седница на Парламентот, а неговиот владин партнер – партијата на Зелените, изрази јасни резерви за натамошното опстојување на канцеларот на оваа функција.
Опозициските Социјалдемократска партија (СПО), Слободарската партија (ФПО) и Неос сметаат дека Курц не треба веќе да биде канцелар откако Обвинителство, по претресите, покрена истрага против него и неговите најблиски соработници под сомнение дека со пари на даночните обврзници ги исплаќале медиумите да објавуваат позитивни вести за неговата работа и работата на неговата Народна партија (ОВП).
Обвинителите во вторникот, додека Курц беше на самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија, извршија претреси во седиштето на неговата владејачка партија- ОВП, во неговиот кабинет во Владата и во Министерството за финансии.
Против него е отворена истрага во Обвинителството за економски криминал и корупција, заради сомнеж за проневера, давање и примање поткуп.
Курц, вчера, пред да влезе на средба со австрискиот претседател Александар ван дер Белен кажа дека неговата Народна партија (ОВП) е подготвена да продолжи да биде дел од владата. Меѓутоа обвинувањата за корупција доведоа до сериозни поделби во владејачката коалиција, па лидерот на Зелените и вицеканцелар Вернер Коглер, вчера попладне изјави дека не може да преминат кон дневниот ред на владата во услови кога во прашање е доведена способноста на федералниот канцелар.
Коглер дури истакна дека Зелените имаат намера да разговараат со сите парламентарни партии, како и со австрискиот претседател Александар Ван дер Белен.
„Обвинувањата против канцеларот и неговите најблиски соработници, како и против и ОВП се тешки и единствени во историјата на земјата“, се истакнува во барањето на опозицијата, при што се бара канцеларот да одговара на обвиненијата во парламентот
Шефот на пратеничкиот клуб на ФПО, Херберт Кикл најави дека ќе поднесе барање да се гласа за доверба на Владата на Курц.
Според истражителите постои сомнение дека на агенциите за испитување на јавното мислење им се исплаќале средства од Министерството за финансии за „исклучиво партиски мотивирани, понекогаш наместени анкети“ во интерес на Курц. Покрај тоа, јавни пари биле исплаќани за рекламирање во еден медиум.
Австрискиот весник „Дер Стандард“ претходно објави дека вредноста на договорот за рекламирање и соработка изнесувал 1,3 милиони евра.
Владејачката ОВП и осомничените медиуми ги негираат обвинувањата. Напуштајќи го седиштето на Владата, Курц изјави дека лично се чуствува многу непријатно да биде обвинет за нешто што не е вистина.
– Позитивното е само тоа што знаете што сте направиле, знаете дека обвинувањата не се точни, тоа ви дава сила што ви е потребна за да излезете од оваа ситуација. Ќе ја користам таа сила да се бранам со сите легални средства, порача австрискиот канцелар.
Тој ги негираше сите обвинувања и изјави дека не планира да се повлече и изрази убеденост дека сомнежите на обвинителството нема да бидат потврдени.
Истовремено, нагласи дека е важно судството, во една либерална демократија како Австрија, да може да спроведе истрага против секого независно и праведно.
– Меѓутоа, во нашата земја, основата на работата на судството е презумпцијата на невиност, која отсекогаш важела за сите граѓани, како и за сите мои претходници и други политичари. Тоа беше случај до пред неколку дена, нагласи Курц.
Запрашан дали изјавите на претставниците на Зелените значат крај на владејачката коалиција, Курц изјави дека гарантира оти ОВП ќе го даде својот придонес за земјата да остане стабилна.
– Линијата на ОВП е јасна. Бевме избрани двапати од граѓаните и стоиме зад владината програма. Во изминатата година и половина, добро соработувавме со Зелените, ја надминавме тешката фаза на пандемијата. Ако Зелените не сакаат да ја продолжиме таа соработка и бараат друго мнозинство, тогаш мора да се прифати. Ние сме подготвени да соработуваме, додаде Курц.