Улиците во населбите во Ѓорче Петров се поплавуваат по секој дожд, а тоа се докажа и во изминативе денови кога социјалните мрежи беа преплавени со критики за раководството на општината. Ова го смета Александар Стојкоски, кандидат за градоначалник во Ѓорче Петров од ВМРО-ДПМНЕ кој во својата програма го има и проектот „Ѓорче без кал“. За него е неприфатливо Ѓорче да биде препознатливо по комунални проблеми и ветува нивно решавање, за општината да биде без проблеми.

-Ова е реалната слика за Ѓорче Петров во 2021 година. По секој еден помал дожд, на улиците гледаме реки и езера од кал. Ова треба да го промениме. Ѓорче Петров не заслужува во 2021 година да има реки со кал. Јас знам дека овој проблем е долгогодишен и тоа го поправаме. Сакам во наредна прилика, кога ќе дојдам на средба со Вас, да разговараме за многу поголеми инфраструктурни проекти. Овој проблем мора да го решиме и еднаш засекогаш, жителите на Ѓорче Петров да добијат похумани, многу подостоинствени услови за живот. На наредните локални избори, Вие не сте само дел од Избирачкиот список, Вие сте граѓаните кои одлучуваат дали сакаме вакво Ѓорче или сакаме Ѓорче Петров без кал, Ѓорче Петров со асфалтирани улици и Ѓорче Петров со многу нови проекти за подобра иднина на сите нас, посочи Стојкоски.

Тој беше во посета и на Кучково, село кое има потенцијал за развивање на туризам и рекреација на сите скопјани, а со тоа, економски да им се помогне и на жителите.

-Во Кучково одам често. Добро ги познавам проблемите. Разликата е што сега, можеме тие да ги отстраниме заедно, веќе по изборите. За мене, ужасно е во 2021 година да чујам дека нема вода сред лето во некое населено место, па така и во наше Кучково. И да се разбереме, ако сакале и знаеле како, тоа ќе го направеле изминативе години. Затоа, им посочив на жителите: Го решаваме проблемот со водата. Помагаме да се развие во туристичко место со што ќе се помогне за подигнување на економскиот статус на жителите. Вложуваме во инфраструктурата, бидејќи Кучково е уште едно место во кое нашите сограѓани заслужуваат хумано живеење!, посочи Стојкоски по посетата на Кучково.