Пишува: Блаже Миневски
Во контекст на антимакедонските договори што функционално неписмениот македонски премиер Зоран Заев ги потпиша во изминативе година и пол, деновиве веќе стигнуваат, а допрва ќе стигнуваат и уште потешки барања за извршување на она што е прифатено без да се имаат предвид далекосежните последици за Македонија и македонскиот народ. Според изјава на проф. д-р Георги Даскалов, соработник на Македонскиот научен институт од Софија, Бугарија веќе почна да ја спроведува таканаречаната нова политика кон Република Македонија, особено кон „самоопределените Бугари што си побараа бугарски пасош, кон придобиеното бугарско граѓанство во Македонија, кон оние што завршиле факултет во Бугарија, но и кон сите оние кои во минатото или сегашноста се поврзани со општобугарското кауза!“
Според Даскалов, Бугарија во меѓувреме итно мора интервенира во образованието на „западните предели“ затоа што „македонските училишта се инструмент за масовни антибугарски ставови со кои се гради сликата на Бугарија како окупатор, асимилатор и непријател на таканаречениот македонскиот народ“.
Во огромната зграда на ‘Пиротска΄ 5, која порано била сопственост на македонските друштва, Красимир Каракачанов им има дадено на користење две мали простории на Македонскиот научен институт и на редакција на списанието ‘Македонски преглед΄. Ова списание, често го раководеле таканаречени Македонци, како проф. д-р Димитар Гоцев (МНИ сега е под водство на Александар Гребенаров, историчар од Крџали), на пример, а се продава по 4 лева во Бугарија и по 15 долари во странство. Во еден од претходните броеви на списанието меѓу другите текстови со антимакедонска содржина, објавени се и две статии на некојси К. Александров и на веќе спомнатиот проф. д-р Георги Даскалов. Насловот на првата статија е ‘Република Македонија – конфликтна идентичност΄, а на втората „За новата политика кон Република Македонија“, односно новата политика на Бугарија кон Македонија.
Авторот на првата статија К. Александров, кој е сосема непознат во бугарската јавност па претпоставуваме дека можеби тоа име е само псевдоним на некој од македонските „научници“ од редакцијата, својата „анализа“ ја почнува со тоа дека „македонизмот како етнички идентитет го измислил српскиот историчар Стојан Новакович по Берлинскиот конгрес (1878) кога Македонија останува во рамките на Отоманската империја“.
Според овој „експерт“ на МНИ, кој како Институт сепак е „македонски“ а не „бугарски“, конкретните „подготовки за вгнездува на македонизмот во Вардарска Македонија започнува за време на Втората светска војна, а непосредно потоа започнува и практичната реализација“.
Понатаму во оваа статија се вели:
„Македонизмот не би успеал да се наметне во Вардарска Македонија ако не бил поддржан од месни Бугари, Власи и Срби. Фактите говорат дека повеќето од нив биле врбувани (?!) и обучувани како стипендисти во српските училишта во Белград и Крагуевац, (Бугари во Белград и Крагуевац?! н.з.) а потоа истите се назначувани на одговорни функции во Скопје каде што послушно работат на српската кауза. Значителен дел од тие лица биле претставници на влашкото население или пак мешани бугарско-влашки или бугарско-српски семејства. За сите нив утврдувањето на македонизмот се претвора во професија и императивна политика, а главен критерум е напредување во политичката хиерархија и задолжително назначување на високи позиции во полицијата, армијата и средствата за информации“.
Во истата статија истиот автор, со иницијалi наместо име, ќе констатира дека „наметнувањето на македонизмот означува суштествена узурпација на дел од бугарскиот етнички и духовен простор (во кој Бугарите не направиле ниту една едниствена црква, н.з. ) спроведен со илјадници човечки жртви и уништување на бугарското историско, културно и црковно богатство во Вардарска Македонија“. Затоа се поставува прашањето за какво уништување овде станува збор кога Бугарите немаат изградено буквално ништо во Македонија, но тоа не му пречи на „иницијалот К“ да констаира дека „управувачката елита во Скопје се чувствувала исклучително комфорно во рамките на СФРЈ, па затоа, не случајно, по смртта на вождот (1980), прв претседател на Претседателсството на СФРЈ е Лазар Колишевски, кој демонстративно повторува:
Силна Србија, силна Југославија, наспроти лидерите на Словенија и Хрватска кои се залагаа за Слаба Србија – силна Југославија.
Не случајно е што единствено Киро Глигоров и Алија Изетбеговиќ имаа поготвеност за договор со Милошевиќ за формирање некаква федерација во време на очигледно распаѓање на СФРЈ. Со сигурност може да се тврди дека ако Изетбеговиќ не беше зазел курс за независност на БиХ, Глигоров немаше да се осмели да организира референдум за независност на РМ во 1991 година“.
„Македонија е осудена на перманентна конфликтност со своите соседи!“
Во продолжение „експертот“ потстанар кај Каракачанов, кој, патем, е мошне важен дел од владата на Бојко Борисов, пријател на Зоран Заев, се осврнува на „македонизмот во битката за меѓународно признание“, констатирајќи дека „фабрикуваната врска на македонскиот етнички идентитет и на државата Република Македонија со империјата на Александар Македонски ја помина границата на трпение на надворешниот свет по однос на можните и допуштени лаги и фалсификати на историјата…
Декларираните како етнички Македонци најчесто изјавуваат дека не им се признава нивниот идентитет поради територијалните претензии на соседните држави кон Вардарска Македоанија, а од друга страна државата Република Македонија сите напори ги има насочено зад границата кон признавање на таканареченото македонско малцинство во Пиринскиот крај, чие признавање би значело признание и на таквата нација“.
Текстот завршува со предизвиците и поразите на македонизмот, па, во таа насока, авторот со радост констатира дека првиот удар на македонизмот бил нанесен од Грција со принудата за промена на знамето и Уставот на РМ; вториот со Охридскиот рамковен договор со кој е сменета преамбулата, па Република Македонија не е „национална држава на македонскиот народ“ па оваа творба во иднина ќе има големи проблеми да функционира како унитарна држава.
Третиот удар на македонизмот според „К“ се подготвува во Конгресот на САД, каде што огромен број конгресмени ќе се потпишат врз предлогот за ревизија на сите учебници по историја во Република Македонија, отстранување на сите карти каде што е прикажана географска Македонија, потоа итно преименување на аеродромот и друго:
„Промолчувањето на отворените проблеми со соседите, независно од тоа дали Република Македонија некогаш ќе биде примена во НАТО и ЕУ, постојано ќе ја става таа држава во перманентна конфликтност со своите соседи, а најмногу со Бугарија“, заклучува К. Александров.
По потпишувањето на договорите со Бугарија и Грција, како и со подметнатиот тирански закон за јазици, Република Македонија веќе не е држава на македонскиот народ, а тоа е дефинитивна потврда на она што К. Александров го тврдел пред неколку години во статијата во „Македонски преглед“.
Крај за таканаречената македонска нација!
Според проф. д-р Георги Даскалов од Македонскиот научен институт, односно според неговата анализа објавена во „Македонски преглед“, Бугарија час поскоро мора да најде пат до „самопределените Бугари, кон придобиеното бугарско граѓанство во Македонија, кон оние што завршиле факултети во Бугарија, кон сите оние кои во минатото или сегашноста по некоја линија се поврзани со општобугарската кауза“.
За тоа да се реализира, професорот Даскалов предлага во Скопје да се испратат професионалци од сите сфери, а не политички послушници како што била досегашната практика:
„Македонските училишта до ден денес се инструмент за масовни антибугарски ставови со кои Бугарија се претставува како окупатор, асимилатор и непријател на таканаречениот македонски народ.“
Според него бугарската надворешна политика во минатото прокоцкала златна шанса кога во услови на непријателство на Белград кон Скопје, во услови на ревноста од страна на Атина, непредвидливоста на Албанците и Тирана, била единствен пожелен сосед и тоа таа морала добро да го наплати:
„Тоа беше момент кога можевме да ги решиме ако не сите тогаш барем поголемите прашања кои и денес стојат на дневен ред. Наместо тоа тогашната бугарска власт зазеде погрешен став за бугарската нација со одлуката за безусловно признавање на Република Македонија. Вториот момент беа санкциите во 90-ти години. Безусловното отворање на границата кон Бугарија ја спаси македонската економија. И за тоа не само што не беше побарана никаква цена, туку над националните интереси грубо беа поставени приватните и корпоративни интереси. Следниот прокоцкан момент беше воениот подарок за Скопје во тешко време за македонскиот суверенитет и државност. По доставената помош не само што не добивме наклонетост и благодарност туку тој акт се претвори во повод за најзлобни антибугарски коментари и подигравки во македонскиот уличен фолклор.“
По набројувањето на сите пропуштени шанси Даскалов ќе се задржи на тоа што може да се направи во иднина (а таа иднина со Заев дојде многу побрзо од предвиденото) за да клекне Република Македонија на колена пред Бугарија:
„Во време на престојните интеграции на Западен Балкан во ЕУ И НАТО, ние можеме да го пресечеме гордиевиот јазол во дијалогот со Скопје. Всушност, можеме и нешто повеќе, зашто сега се појавува реална можност да бидат приопштени кон бугарската нација не само сонародниците од Вардарска Македонија, туку и оние од Албанија, Косово, Србија и, не на последно место, се разбира, оние од Егејска Македонија. Реализицијата на тој проект на национална интеграција би била второ духовно обединување на распарчената нација, бугарски ренансанса во 21 век. Ако оваа возможна, а истовремено и последена шанса за обединување на Бугарите биде пропуштена тоа ќе биде рамно на дефинитивен национален погром. За да бидат нормализирани бугарско-македонските односи, а Бугарите од Западен Балкан бидат припоени кон бугарската нација, бугарската надворешна политика треба да тргнува од неколку основние принципи. Првиот се однесува на таканаречената македонска нација. Во нашите раководни структури преовладува мислењето дека таа е формирана и тој процес само што не завршил. Дека не е така покажува тоа што илјадници македонски граѓани се самоопределија како Бугари и непрекинато се зголемува бројот на лицата што сакаат да добијат бугарско државјанство. Да не ги заборавиме и над 20-те илјади Вардарци кои заради бугарско самосознание беа репресирани по Втората светска војна, а чии потомци исто така се чувствуваат како Бугари. Во тој потенцијален пробугарски контингент се и 17-те илјади бежанци од Егејска Македонија кои бегајќи од грчкиот терор во 1943 -1945 се спасија стапнувајќи на бугарска земја, но потоа беа протерани во Тетово, Вардарска Македонија, каде што се населија и оние 15 илјади наши сонародници, Бугари, бивши грчки политемигранти од Граѓанската војна, кои сакаа да дојдат од источните земји во Бугарија но тоа не им беше дозволено“.
„Држава на македонските Бугари или исчезнување!“
Во својата анализа проф. д-р Георги Даскалов сепак се согласува дека Атина многу тешко би ја поддржала Софија за правото на македонските граѓани да се самоопределуваат како Бугари на нејзина територија, зашто, како што вели тој, тоа може да и создаде проблем со разбудување и активирање на бугарската национална идеја во Егејска Македонија. Според тоа, главниот удар мора да се насочи кон Вардарска Македонија каде што, на пример, се уште не стигнува ниту еден бугарски весник и не се пренесува ниту една сериозна телевизиска програма: „Затоа крајно време е бугарските дипломати и агенти во Скопје да вложат поголем напор за да ги придобијат за почеток барем оние наши деца од Вардарска Македонија кои завршија факултети во Бугарија. Исто така крајно време е нашите политичари да се окуражат и да се ослободат од удобната и до денес се уште активната догма дека во грчкиот дел на Македонија нема Бугари. Таа длабоко невистинита политичка теза од пред 1989-та повеќе не може да ги крие оние 200.000 грчки граѓани од бугарско потекло. Ако не се заложиме тие да ги уживаат европските стандарди за човекови права, тоа ќе стави во прашање и нашите намери како кон Република Македонија, така и за проопштување на Бугарите од целиот Западен Балкан кон матицата Бугарија. Ако на скопските власти им наложиме да ги почитуваат европските стандарди за почитување на правата на самоопределените Бугари во Република Македонија, ако се возобноват гробиштата и спомениците на загинатите Бугари во Македонија, ако се засили медиумската кампања, тогаш објективно сосема би се испразнила таканаречената македонска нација од македонизмот и би се маргинализирал таканаречениот македонски јазик. Тогаш Македонија ќе има само два патишта – да се развива како држава на македонските Бугари или да се соочи со неизвесната иднина, вклучувајќи и распад. Место за романтични експерименти веќе нема. Во основа на новиот дијалог меѓу Скопје и Софија треба да биде прагматизам и реципрочност во име на сите Бугари“, подвлекува меѓудругото проф. Д-р Геогри Даскалов, „експерт“ на Македонскиот научен институт од Софија, во анализата за новата политика на Бугарија кон Република Македонија, која, според него, или ќе биде држава на македонските Бугари или ќе ја нема. Денес, неколку години подоцна, како што знаеме, Заев сето тоа му го овозможи на Бојко Борисов со обврзувачки договор, признавајќи дека сме с’шти народ со Бугарите!
И на крајот, наместо заклучок, неколку цитати од Крсте Петков Мисирков кој, според договорот со Грција, веќе не е дел од народот што се дефинира како северномакедонски.
Иако се поминати точно 105 години од неговата книга „За македонцките работи“ очигледно е дека „Македонија секогаш имала и ќе има пет илјади Македонци кои за личен интерес ќе ја продадат дури и својата сопствена мајка или, што би рекол тој, без срам и перде „да лажат и на десно и на лево, под вид да исполнуваат некаков патриоцки долг, а во сашчност само да добијат служба и популарност како лица шчо си имаат сојединето својите интереси со Бугарија..“ Можеби затоа Македонија отсекогаш повеќе страдала од своите одродени синови, отколку од сите непријатели заедно. Затоа се добива впечаток дека Македонија повеќе да ја сакаат соседите отколку самите Македонци! Прв тест за тоа е референдумот на 30 септември, а бојкотот е единствениот вистински одговор!