Владата на денешната седница донесе одлука за стопирање на изградбата на Прифатниот центар за странци во Бардовци и негово преместување на локација надвор од населено место.
Ова, како што е објавено на фејсбукот на Владата, доаѓа како одговор на барањето на граѓаните од Бардовци и Волково кои со месеци протестираа против изградбата на центарот.
-Граѓаните имаа оправдани дилеми поради што неколку пати за ова се обраќаат до централните институции, Општина Карпош и до меѓународната заедница. Во директна комуникација со граѓаните на Бардовци, Владата ги уважува нивните аргументи и во транспарентна постапка ќе бара нова локација надвор од населено место со цел реализација на овој важен проект, пишува во објавата на Владата на ФБ.
За одбележување е тоа што ваква одлука Владата носи токму неколку денови пред вториот круг од гласањето за градоначалник на Општина Центар, иако протестите против изградбата на локалното население траат подолг период.