Власта е во паника, исто како и во првиот круг кога катастрофално изгуби, така и за вториот круг има ангажирано лица за поткуп на гласачите. СДСМ сака да го ублажи поразот и затоа ангажира луѓе со криминално минато и функционери на државни позиции да делат поткуп, вршат притисоци и да се закануваат на граѓаните, истакна на денешната прес-конференција членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Порача и Заев и Спасовски нека бидат свесни дека народот е освестен, надежта е родена, и никој нема да дозволи да му ја земете иднината, и да ја дадете на фирмите на Вице, Трајче, Бобан.
Ковачки посочи дека активисти и функционери на СДСМ се противат на криминалното работење на Заеви и од нив и ги добиваме овие информации.
-Имаме информации за сериозно разработен план за полнење на кутии во населени места во Сарај и населени места во Битола. Денеска ќе ги објавиме информациите добиени од луѓе од СДСМ, кои не сакаат веќе да му слугуваат на хибридниот режим, и да работат за Вице, Трајче и Бобан Заев да прават фабрики за марихуана. За Битола главен одговорен за поткуп, притисоци, закани и полнење на кутии е Васко К., за кој се сомневаме дека е директор на една голема државна фирма, директно подредени му се: Зоран П., Илче П., Даниел Џ., Сашо Н., Горан Ш., Петар П., Ујар К., Шевѓул М., Вангел Б., Александар Н., дел од овие лица се вработени и во МВР и класично ја злоупотребуваат службената положба и овластување. За сите нив ќе следи одговорност. На територија на град Скопје поткупот се врши од неколку групи, група од Бутел за поткуп е предводена од Коста Н., кој најверојатно е директор на едно скопско јавно претпријатие, Владимир Н., Едмонд В., Сенад С., Марин Б., Ханза В., Горан Ж. Групата од Ѓорче Петров е составена од Сенат В., Мартин Т., Нешо К. Во Карпош групата е водена од Душко В., актуелен директор на јавно претпријатие и Јон Ф., висок функционер во друго државно претпријатие, нагласи Ковачки.
Тој истакна дека во Кочани групата е водена од поранешни затвореници Столе Т., Александар С., Михаил П., Перо Г., за кој се сомневаме дека е полициски службеник. Сопругата на едно од осудуваните лица е и советник во Советот на Општина Кочани.
-Во Гевгелија групата за поткуп, притисоци и закани е предводена од лице за кое се сомневаме дека работи во правосудните инстанци Јован Д., а со него работат и Владо Ј. и Ѓорѓе Т. По завршувањето на оваа прес конференција, ќе поднесеме и кривична пријава против злосторничката група составена од луѓе од МВР во Прилеп, за која објавивме и вибер комуникација за правење на сериозен криминал во изборниот процес. Воедно сакам да упатам последен апел до сите извршители на Заев и Спасовски, вработени во МВР, и институциите, но и луѓе надвор од системот, а кои извршуваат нивни работи, да внимаваат што прават, зошто и после недела има ден и ќе се срамат од активностите во кои се приморани, но и да знаат дека одговорност ќе следува без разлика дали некој на тоа ги принудил. Извесна е победата на ВМРО-ДПМНЕ, не наседнувајте на Заев и Спасовски кои сакаат да ве втурнат во криминал, рече членот на ИК на денешната прес конференција.