Девојка на 23-годишна возраст почина ноќеска од последиците на Ковид-19 во болницата во Велес.

Таа е од велешкото село Иванковци, во модуларната болница била донесена на 23 октомври, а на 28 октомври е регистрирано дека е позитивна на коронавирусот.

– Пациентката која беше хоспитализирана седум дена, имаше коморбидитети, церебрална парализа, неподвижна со параплегија и епилепсија. Пациентката не е вакцинирана, соопштија од Велешката болница.

Девојката е 223 жртва на Ковид-19 вирусот во Велешко.

Во трите Ковид одделенија од болницата хоспитализирани се 38 пациенти, потврдено позитивни се 28, со негативен тест се девет но со потреба од болничко згрижување, а еден пациент е непотврден. Во текот на изминати 24 часа примени биле тројца пациенти, сите на Инфективното одделение, а испишани како оздравени со по еден негативен тест биле шест пациенти. На кислородна поддршка се 19 лица. На Инфективното одделение хоспитализирани се 20, во Интерното четворица и во Модуларната болница 20 пациенти. Освен од Велешко, во овие одделенија згрижени се и пациенти од Свети Николе.

И додека бројот на пациенти кои се хоспитализираат во Велешката болница опаѓа, расте бројот на активни случаи во Велешко, до вчера имаше 343, со што Велес е на трето место во земја, после Скопје и Куманово. Со порастот на бројот на активни случи, расте и интересот за вакцинација. Изминатата седмица прва доза примиле 125, што е далеку повеќе отколку претходените недели, втора доза 138, додека трета доза 992 лица за пет дена.

Во текот на денот информацијата беше корегирана и беше соопштено дека стнува збор за 36 годишна, а не 23 годишна жена.