Милијардерите ширум светот ја „ограбуваат планетата“ и го ставаат светот во „сериозна опасност“ од климатските промени, предупредуваат активистите од оваа област.
Џејми Ливингстон, шефот на „Оксфам“ (Oxfam), откри ново истражување што покажа дека до крајот на оваа деценија, карбонскиот отпечаток на еден процент од најбогатите луѓе во светот ќе биде 30 пати поголем од тоа што е потребно за да се одржи глобалното затоплување под 1,5 степени Целзиусови.
Авторите на извештајот ги повикаа владите да усвојат мерки за ограничување на „луксузната потрошувачка на јаглерод, како што се мега јахтите, приватните авиони и вселенските патувања“.
Истражувањето е спроведено откако основачот на Амазон, Џеф Безос, претходно годинава беше на кратко вселенско патување, Ричард Бренсон отпатува до работ на вселената со својот ракетен авион, а приватната компанија за вселенски патувања „Спејс икс“ (Space X) на Илон Маск развива возило за транспорт на луѓе до Марс.
Научниците, меѓутоа, наведуваат дека за да се постигне целта договорена на Самитот за климата во 2015 година, секој човек треба до 2030 година да ги ограничи своите емисии на CO2 на само 2,3 тона, што е приближно половина од денешниот карбонски ( јаглероден) отпечаток.
Новото истражување на „Оксфам“, што се темели на истражувањето на Институтот за европска еколошка политика (IEEP) и Стокхолмскиот институт за животна средина (SEI), покажа дека еден процент од најбогатите луѓе ќе ја надминат таа граница за 30 пати.
Оваа група луѓе, помала од населението на Германија, ќе учествува со 16 отсто во вкупните емисии до 2030 година, што е повеќе од 13 отсто во споредба со 1990 година и 15 отсто од 2015 година.
Вкупните емисии генерирани само од 10 проценти од најбогатите би можеле да бидат доволни за да ја надминат границата за затоплување од 1,5 степени Целзиусови до 2030 година, без разлика на тоа што прават другите 90 проценти од луѓето.
-Луксузниот начин на живот и постојаниот грабеж на планетата од страна на најбогатите луѓе во светот не ставаат во зголемена опасност, рече Ливингстон, шеф на Оксфам, меѓународна организација која се бори против сиромаштијата.
„Емисиите на само еден лет во вселената на еден милијардер се поголеми од вкупните емисии што ги испушта некој што е меѓу најсиромашната милијарда лица на земјата во текот на животот“, додаде тој.
-Никој не е имун на ефектите од климатската криза, но најсиромашните во светот се тие кои плаќаат највисока цена и покрај тоа што придонесуваат најмалку додека истовремено се борат со поплавите, гладот и циклоните, рече Ливингстон.
Истражувањето е објавено за време на климатскиот самит COP26 во Глазгов, каде земјите разговараат за тоа како најдобро да се ограничат емисиите.