Власта со вакви механизми може да обезбеди и 120 гласа. Ова веќе е делегитимација затоа што со криминални акти и механизми се обезбедуваат гласови за да не падне оваа криминална власт, изјави вечерва претседателот на БЕСА, Биљал Касами.

Касами информираше дека „пријавил оти пратеник на движењето БЕСА е исчезнат“, како и неговото најблиско семејство – мајка, жена и син и ги повика властите да го најдат каде е и да објаснат зошто 24 часа не е достапен.

– Оваа власт станува криминална. Пратеник на Собранието на Република Македонија да исчезнува 24 часа и никој да нема информации каде се наоѓа, ова веќе не се работи за евроинтеграции. Не се работи за власт и опозицијата, се работи за животот на луѓе. Значи, човекот, пратеник со имунитет и неговото најблиско семејство. Затоа повикувам до премиерот и до сите власти да најдат каде е пратеникот и да објаснат зошто пратеник на Собранието на … Македонија 24 часа не е достапен и не е слободен да се движи согласно тоа што му го обезбедува Уставот и законот, изјави Касами, вечерва пред Собранието.

Прашан како го коментира тоа што Кастриот Реџепи се јавува преку социјалните медиуми, Касами рече дека тоа е дополнителен доказ дека тој може под сила да даде секакви изјави.

– Се додека не излезе пред јавноста и да каже кој е неговиот став, јас може да претпоставувам. После ова што се случи, не 61, власта со вакви механизми може да обезбеди и 120 гласа. Значи, веќе ова е делегитимација, затоа што со криминални акти и механизми се обезбедуваат гласови за да не падне оваа криминална власт, изјави Касами.