Министерот за надворешни работи Бујар Османи кој престојува дводневна работна посета на Брисел, на маргините на состаноците на ЕУ и ПСЈИЕ во Брисел, се сретна со неговиот бугарски колега Светлан Стоев.
– Ја потврдивме важноста и посветеноста кон напредокот во процесот на европската интеграција, регионалната соработка и добрососедството во регионот на Западниот Балкан, а разменивме видувања и за последните политички случувања, по завршувањето на изборните циклуси и во двете земји. Ја повторивме својата решеност за продолжување на конструктивниот пристап и добрата волја во билатералните односи. Истовремено, ја поздравивме подготвеноста за динамизирање на работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со надеж дека Комисијата во наредниот период ќе изнајде начини за постигнување на конкретни резултати, кои се во интерес на двете страни, објави Османи на неговиот фејсбук профил.
Додава дека до одржувањето на клучните состаноци на ЕУ во декември, се очекува да бидат интензивирани контактите преку постојните форми на одржување на состаноци, се со цел да се изнајдат најдобри решенија во интерес на постигнувањето на наредните исчекори во процесот на интеграција кон Европската унија.
– Само отворениот дијалог и непосредната соработка претставуваат најсигурен показател за одговорноста и посветеноста кон мирот и стабилноста, перспективите на регионот, како и успешното справување со сите видови предизвици со кои заедно се соочуваме, наведува Османи на ФБ.
Министерот Османи престојува на Брисел на покана на претседавачот со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, неговиот грчки колега Никос Дендијас.
Покрај на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ПСЈИЕ, Османи ќе учествува и на дебатата „Дискусија за иднината на Европа – перспективи и придонеси од Западен Балкан“. Настанот е инициран од Османи во рамки на новиот формат „Б6“, лансиран во Охрид на маргините на „Преспа форумот за дијалог“,во соработка со Колеџот на Европа од Бриж.
– Целта на иницијативата е министрите за надворешни работи од Западен Балкан, заедно со копретседавачите на Конференцијата за иднината на Европа, потпретседателката на Европската комисија, Дубравка Шуица, европратеникот Ги Верхофштад и државниот секретар на МНР на Словенија, Гашпар Довжан, да дадат инклузивен и сеопфатен придонес во пошироката европска дебата за еден од најважните проекти на ниво на ЕУ – Конференцијата за иднината на Европа, соопштија од МНР.
Агендата на Османи во Брисел опфаќа и средби со високи претставници на европските институции, меѓу кои и со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеи и специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан и дијалогот Белград – Приштина, Мирослав Лајчак.
Османи ќе се сретне и со високи официјални претставници на Европскиот парламент, меѓу кои со копретседавачот на Заедничкиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија, Андреас Шидер, со известителот на Европарламентот за земјава, Илхан Ќучук, како и со координаторот во Комитетот за надворешни работи (АФЕТ), Михаел Галер.
– Клучна точка на разговорите ќе биде европското досие на Северна Македонија, регионалните случувања и политичките актуелности во државата. Фокусот на Османи ќе биде ставен на реафирмација на силната проевропска програма на Владата, определеноста за унапредување на добрососедските односи и продолжувањето на реформските процеси со ЕУ предзнак, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.